Граѓанската иницијатива „Правда за Алмир – Drejtësi për Alimirin” денеска со протест пред Владата го изразија нивниот револт во случајот со малиот Алмир, односно поради преквалификација на делото од убиство, во тежок престап со последици по имотот во сообраќајот.
На протестот тие ги упатија нивните барања до Владата:
“Се собравме денес да протестираме за трулата правда во Република Македонија. Срамно, пред наши очи органите на правдата убиството на 4 годишниот Алмир го преквалификуваа во престап во сообраќајот. Овде сме да кажеме дека нема да го дозволиме тоа. ПРАВДА ЗА АЛМИР МОРА ДА ИМА.
Бобан Илиќ изврши убиство! Обвинението треба да гласи според доказите, а не според нечии наметнати и пристрасни гледишта и интереси!
Случајот за Алмир ќе биде правично и праведно воден единствено доколку судската постапка започне одново, и истата ја водат стручни, непристрасни и некорумпирани обвинители и судии, и тоа надвор од Куманово. Обвинители и судии кои ќе одлучуваат професионално, правично,чесно и непристрасно.
Затоа, ние, граѓаните на Република Македонија, ќе поднесеме кривична пријави против:
- Јавната Обвинителка Сузана Кусигерска, поради злоупотреба на должност, бројни пропусти во постапката и намерно неизнесување на факти и сведоштва, за кои сведочеше целата јавност, а што резултираше со преквалификација на делото од убиство во тешко дело во сообраќајот.
Воедно бараме одговорност од сите чинители во неправдата кон Алмир:
- (Бараме) Одговорност од Проф.Др Бранислав Стефановски, невропсихијатар и Асистент Доктор Зоја Бабинкостова поради вршење вештачење спротивно законот за вештачење.
- (Бараме) Разрешување на судијката Маја Денковска, поради нестручно вршење на должноста. Денковкса намерно не ги прифати клучните докази и сведоци кои ја потврдуваат намерата за убиство од страна на обвинетиот.
- (Бараме) Разрешување на В.Д Основен јавен обвинител Теута Бедиу Рамадани, поради неприфаќање на барањето за изземање на обвинителката Кусигерска, односно попречување на правдата за Алмир
- (Бараме) Разрешување на сите јавни обвинители на Kолегиумот на Јавното обвинителство на РМ: Ацо Колевски, Башким Бесими, Бодан Лазарески, Ферат Елези, Исмаил Дардишта, Лилјана Спасовска, Анита Топалова- Исајловска, Влатко Георгиевски, Џелал Бајрами, Воислав Гавровски
- (Бараме) Итно разрешување на Јавниот Обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовевски, затоа што носи идентични одлуки со Марко Зврлевски. Јовевски не е реформа.
Бараме одговорност од Владата на Република Македонија и Премиерот Зоран Заев. Заев и Владата на РМ не само што не ги реализираа најавените реформи во судството, туку дозволија правдата да ја делат истите корумпирани, непрофесионални и пристрасни обвинители и судии кои го убија Алмир повторно.
Бараме правда за Алмир!
Нема правда – нема мир!”
Д.Т.