CivilFest
Categories

ПРОМЕНИ Пред и во Владата – едни ќе расправаат, други ќе протестираат

Во Владата денеска ќе се расправа за уставните промени, а пред неа ќе се протестира против загадувањето. Додека Владата, како предлагач ќе се обиде јавно да аргументира за нацрт -амандманите што поминаа во Собранието, ВМРО -ДПМНЕ ќе се обиде да докаже дека загаденоста е резултат на нејзината неспособност да се справи со ова алармантно прашање.

ВМРО -ДПМНЕ најави дека протестите ќе ги одржува секоја среда со фокус на загадениот воздух. Но, попатно ќе протестира и за се останато, со фокус на промените во Уставот.

Од друга страна, Владата очекува дека петте јавните расправи ќе поминат според очекуваното со поддршка за уставните промени како иден чекор кон ЕУ интеграциите. СДСМ, како партија на власт, пак, настрана оваа проблематика, уште еднаш потсетува дека проблемот со загадениот воздух е наследство од 11 години владеење на ВМРО – ДПМНЕ.

„Свесни сме дека претстои уште многу работа, дека проблемот нема преку ноќ да се реши, но сериозно и посветено се работи за намалување на загаденоста на воздухот“, велат од СДСМ.

И додека промената на името на државата зависи од јавниот дискурс, каков воздух ќе се дише, зависи од партиското расположение.

И додека граѓанките и граѓаните се гушат од аерозагaдувањето решавајќи за историското прашање што произлегува од Преспанскиот договор, политичките партии се ја мерат моќта преку дневни препукувања.

Владата, која по правило е над партиското, се обидува да нивелира решавајќи секојдневни проблеми на граѓанките и граѓаните со цел да го доживат денот кога Македонија ќе влезе во ЕУ.

За потсетување јавната расправа за уставните промени денеска во Свечената сала во Владата започнува во 16 часот, протестот на ВМРО – ДПМНЕ пред Владата започнува во 17 часот.

Б. Јордановска 

Print Friendly, PDF & Email