Пред Владата во Тирана активисти на “Движењето за демократија” одржаа симболичен протест за да се спротивстават на позицијата на премиерот Еди Рама, за регионалниот договор „Отворен Балкан“ и за неговите односи со српските лидери, пренесуваат албанските медиуми.
Пред Владата, активистите развија пано со различни фотографии, меѓу кои и фотографија на која премиерот Рама кој се ракува со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Меџид Рамуша од “Движењето за демократија” рече дека преку оваа симболична акција тие изразуваат незадоволство од неодамнешните настани, особено од постапките на Еди Рама.
“Го изразивме нашето незадоволство од премиерот на Албанија, Еди Рама, за неговите врски со Вучиќ, српскиот криминалец кој изврши масакри на Косово и ги презентиравме сите факти за неговите врски со Милошевиќ. Се спротивставуваме и на неговата, на Рама, иницијатива за „Балканскиот минишенген“”, изјавил Рамуша.
За разлика од оваа асоцијација, албанскиот бизнис во „Отворен Балкан“ гледа со оптимизам и оттаму се вели дека мора да се спроведат пет услови пред да се потпише договорот за слободна трговија: реципроцитет на стоки, месечни увозни квоти, даноци за субвенции за производи и принцип на заштита.
Доколку сè се направи правилно, според нив, Албанија го има целиот капацитет да биде најголем корисник од договорот. Тие во „Отворен Балкан“ гледаaт со оптимизам и сметаат дека Албанија ќе има придобивки и дека негативниот трговски биланс со Северна Македонија и со Србија ќе може да се подобри со договорот кој предвидува создавање заеднички пазар, без царински граници меѓу земјите.












