На вчерашната 106 собраниска седница доцна попладнево се прифатија по прво читање предлог измените на Законот за основно образование согласно кои се предлага наместо досегашниот минимален број од 24 ученици во паралелката, како минимален праг да се утврдуваат 20 ученици. Според предлогот на законот, бројот на ученици во паралелката може да се движи во распон од 20 до 30 ученици, јавува МИА.
Исто така, според препораката од Извештајот на ОЕЦД, новото законско решение не предвидува намалување на бројот на наставни денови, затоа што сегашната состојба покажува дека учениците до 14-годишна возраст добиваат над 900 часови помалку од нивните врсници во земјите членки на ОЕЦД. Од областа на образованието во прво читање беше прифатен и Предлог-законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта.
Значајна измена во Законот за основно образование е во насока на поголема инклузија на учениците со попреченост од учебната 2022/2023 година, односно во таканаречените посебни паралелки во рамки на редовните основни училишта и посебните училишта повеќе да не запишуваат нови ученици со попреченост, туку учениците кои веќе учат во овие училишта, да можат да ја продолжат наставата во самите училишта доколку тоа е нивен избор или пак, одлука на нивните родители или старатели.
ЦИВИЛ Медиа ги следи промените што се однесуваат на целосна инклузија на учениците со посебни образовни потреби во редовниот образовен процес. Јавноста имаше спротивставени мислења на оваа тема, а спротиставени ставови имаше и меѓу експертите, дел од нив ја поддржуваат идејата, а дел сметаат дека образовниот систем во земјата не е подготвен и целиот процес на инклузија може да се покаже како контрапродуктивен.
Како што нагласија, на крајот послединот збор треба да го имаат лицата што секојденвно се соочуваат со посебни образовни потреби независно од поделеноста на мислењата во општеството.
Б. Ј.