Предвремените парламентарни избори на 12 април, по состојбата со ширењето на Ковид-19, ќе се одложат, по барање на политичките партии на лидерската средба кај претседателот Пендаровски. Околу правниот аспект околу кој се собрааа правните експерти, претседателот на Собранието, Талат Џафери , на денешното обраќање пред јавноста објасни дека констатирале дека предусловите за одржување предвремени избори врз основа на одлуката за распуштање на Собранието се невозможни и непотребни. Тој додаде дека одлуката за одложување на изборите е политичка.
„Од правен аспект со експертите заклучокот е дека Собранието не е во можност да се собере како резултат на претходната одлука за распуштање, со што Собранието го има вратено суверинитетот кај граѓаните од кај што и го добило. Во тој контекст предлогот беше дека е неопходно да се објави вонредна состојба која што ќе им овозможи на други надлежни институции соодветно да функционираат во согласност со новонастанатата ситуација. Со одлуката, ингеренциите на Собранието преминуваат во надлежност на Владата. Јас сум на очекување на предлог одлука од Владата, која не е стигната, таа е во подготовка.
Ќе бидете информирани кога ќе ја добијам. Истата предлог одлука врз основа на Уставот член 125 став 4 поради општата констатација дека Соибранието не може да се собере ќе биде упатено до претседателот на државата да постапи по соодветното барање како што е пропишано. Се надевам дека претседателот во рамки на она што е пропишано ќе постави согласно проценката и оценката на ситуацијата. Собранието не може да се собере и поради мерката за забрана за собирање на голема група во една затворена просторија… Другите процедури околку изборите ќе ги регулира Владата“, истакна Џафери.
*
Државната изборна комисија денеска ја одржа 64 седница на која ги потврдија Листите за предлагање на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на Коалицијата Можеме, Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, Демократска партија на албанците, СДУ – Скопје и Народна партија на Ромите, за Предвремените парламентарни избори 2020 година.
Д.Т.