ВЕСТ НА ДЕНОТ: Пендаровски-Вархеји: Извештајот на ЕК дава детален приказ на состојбите во државата и степенот на реализација на реформите
Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји. Комесарот Вархеји на претседателот Пендаровски му го предаде Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2020 година.
На средбата беа разменети мислења за клучните наоди во објавениот извештај.
Заблагодарувајќи се за ангажманот на комесарот Вархеји и неговата цврста поддршка на перспективата за проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, претседателот Пендаровски истакна дека Извештајот дава детален приказ на состојбите во државата и степенот на реализација на реформите. Според претседателот Пендаровски, извештајот на комисијата дава поттик за натамошно интензивирање на реформската агенда во сите сфери посочени во документот и претставува чекор кон формален почеток на пристапните преговори за членство за време на германското претседателство со ЕУ, до крајот на годината.
Претседателот Пендаровски го поздрави претставениот Економски и инвестициски план за Западниот Балкан, што има за цел да го поттикне долгорочното економско закрепнување на регионот, што е дополнително отежнато поради пандемијата од КОВИД-19, а во функција на забрзување на интеграцијата во Европската Унија. Со претставениот план, според претседателот Пендаровски, се потврдува дека иднината на целиот регион е во Европската Унија, а Брисел јасно демонстрира дека регионот е нејзин геостратешки приоритет.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Посетата на Скопје на еврокомесарот Оливер Верхеји доаѓа веднаш по вчершното објавување на два извештаи на Европската комисија, едниот како оценка на Северна Македонија, а другиот економскиот инвестициски план за развој на земјите од Западен Балкан. На заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, Вархеји истакна дека економскиот план е регионален и дека треба да им помогне на земјите подеднакво, како и прашањето на ромската заедница и нивниот потенцијал за придонес во економијата.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Во пресрет на утрешниот фудбалски натпревар меѓу Северна Македонија и Косово, ЦИВИЛ упатува апел до сите навивачки групи да се воздржат од ширење на говор на омраза или насилство кои навивачките групи ги промовираат континуирано и со години.
ЦИВИЛ се залага за општество во кое владее слободата, еднаквоста и правдата, општество во кое граѓанките и граѓаните се чувствуваат безбедни и имаат доверба во институциите, каде што безбедноста, слободата на движењето и слободата на изразувањето се гарантираат со закон и со ефикасно функционирање на системот.
Зелен ЦИВИЛ во Велес и Кавaдарци разговараше со граѓанките и граѓаните на тема социјална правда, но и за антинационализмот.