ВЕСТ НА ДЕНОТ: Од 12 октомври без ПЦР тест ќе може да се патува во Србија, Косово, БиХ и Црна Гора
Врз основа на координацијата со министерствата за здравство од регионот, денеска, на седница на Владата донесовме одлука да овозможиме непречен влез на странските државјани од Република Србија, Република Косово, Република Црна Гора и Република Босна и Херцеговина, без приложување медицинска потврда со негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, соопшти Премиерот Заев на својот Фејсбук профил.
„Во овие земји, за кои нивните граѓани досега имаа обврска при влез/транзит во нашата земја да приложат негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, по принципот на реципроцитет е договорено и нашите граѓани да патуваат во овие земји, без обврска да приложат негативен тест.
Оваа одлука е донесена по доставен предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести според кое до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странски држави, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје. Одлуката е донесена заради остварувањето на неопходните потреби на граѓаните, при што Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од Ковид-19,“ вели Заев во објавата.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
До Уставен Суд испратена е иницијатива за оценување на последните парламентарни избори. Подносителот, поранешниот амбасадор на Северна Македонија во Хрватска, Махи Несими, кој долго време работи и на изборната проблематика, ја оспорува рамноправноста во гласањето по изборните единици.
Во интервју за ЦИВИЛ Медиа, Несими ги објаснува елементите што ги содржи неговата иницијатива, каде главен аргумент е надминувањето на законската граница на бројот на гласачи по изборни единици. Во жалбата е наведено дека во изборната единица 2 има над 5% повеќе гласачи од просечниот број на национално ниво, а во третата и четвртата изборна единица има над 5% помалку избирачи од просекот.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Зелен ЦИВИЛ ги праша граѓанките и граѓаните во Велес и Кавадарци колку зелените вредности се негуваат во нивните општини, колку граѓаните се свесни за потребата од заштита на животната средина, што треба да се промени…
ЦИВИЛ Медиа разговараше со Петар Богојески од Македонски концепт за неговите гледања на внатрешните и надворешните фактори и политики кои и помагаат и одмагаат во ЕУ интеграцијата, политичката констелација по изборите и евентуалните решенија за решавање на неколку прашања во опозицискиот ред, и односите со Бугарија.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Презентацијата на редовните извештаи за реформскиот напредок на земјите од Западен Балкан денеска по прв пат ќе добие официјален превод во локалните јазици од регионот, вклучително и македонскиот. Ова е прв пат Европската Комисија да обезбеди превод во други јазици освен официјалните јазици на Европската Унија на редовна прес конференција.
Бугарски интелектуалци контра меморандумот на Софија, Заев не очекува блокада од Бугарија
Владата донесе нов ребаланс на Буџетот кој го достави на усвојување во Собранието за да се спроведе четвртиот сет антикризни мерки за поддршка на економијата и граѓаните. Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува брзо усвојување од страна на Парламентот за побрзо усвојување, за што побрзо започнување со четвртиот сет мерки за помош на граѓаните, компаниите и целата економија.
Министерството за образование и наука известува дека од почетокот на учебната година, 1 октомври, бројот на учениците кои следат онлајн настава е зголемен за околу 10 отсто и дека за неполна недела околу 80 отсто од учениците во средните и основните училишта успешно се приклучиле кон онлајн наставата и дека процентот од стартот на годината постојано се зголемува.
Итно донесување закон за спречување и заштита од дискриминација, со транспарентна постапка за избор на членови на Комисијата, со цел граѓаните да добијат квалитетна законска рамка и реформиран систем за ефикасна и ефективна заштита и превенција од дискриминација, побараа учесниците на денешната конференција „Сите, сега: одговорноста на институциите за обединување против дискриминација“ организирана од Мрежата за заштита од дискриминација.
ЈСП информира дека од денеска, 6 октомври на поголемиот дел од автобуските линии се вклучени поголем број возила во однос на изминатиов период, поточно дел од линиите во јавниот превоз почнаа да сообраќаат по летен, делничен возен ред.
Еден човек повеќекратно уплатувал големи суми за ВМРО-ДПМНЕ.
СЛОБОДНА ЗОНА
Сашо Орданоски во колумната „Кога судската ќе ја сретне политичката ревизија…“ пишува: „Добро, еве, во име на надежта, да претпоставиме дека во догледна иднина, со интервенција на Европскиот суд – не дека се невини (!), туку дека се аболирани од гонење за кривичните дела (!?) – сите пресуди од процесите на СЈО ќе се укинат и судењата ќе сопрат, а обвинетите, осудените, притворените и затворените ќе побараат и ќе добијат милионски отштети. Груевски триумфално ќе се врати во Македонија, најверојатно и на чело на партијата. Честитки, прослави, зурли и тапани, со многу развеани знамиња со сонцето од Вергина… Итн“.
Професорката Мирјана Најчевска во колумната „Власта треба да се плаши од контролните механизми, а не да ги заплашува“, пишува: „Веќе подолг период во државата има нефункционално ЈО, корумпирано судство, потполно обесмислен Уставен суд, дезавуиран Врховен суд, уништен Народен правобранител, непостоечка Комисија за заштита од дискриминација, игнорирање на забелешките и препораките дадени од Државниот завод за ревизија (како институции кои треба да ја контролираат власта, меѓутоа и кои треба да воспостават своевиден меѓусебен мониторинг).
Во такви околности заканата упатена од страна на претседателот на Собранието кон членовите на Државната комисија за спречување на корупција може да значи само обид за замолчување на единствената институција која во моментов се обидува да функционира како контрола на власта“.
Д. Муратов