ВЕСТ НА ДЕНОТ: По свикувањето на вонредниот конгрес, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ доставија документ со потписи за поддршка на Мицкоски
По свикувањето од Иницијативниот одбор за вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ, составен од поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ, но и актуелни градоначалници, кои обезбедија поддршка и потписи од големо мнозинство од делегатите и го закажа 17. вонреден Конгрес на партијата на 28 март во Скопје, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РСМ преку соопштение за медиуми достави документ со потписи, со кои искажуваат став во однос на актуелните случувања на темата „Вонреден конгрес“.
„Пратениците ја даваат својата безрезервна поддршка на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Претседателот на партијата, за да со заедничко и координирано дејствување успееме што поскоро да ја поразиме актуелната власт, која што не е дел од решението, туку е дел од проблемот на македонските граѓани, особено во делот на економијата, здравството и образованието“, се вели во соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците од најголемата опозициска партија упатија препорака целосно да се почитуваат статутарните одредби, напоменувајќи дека се залагаат да се почитуваат надлежностите на Централниот Комитет, Извршниот Комитет, Конгресот и другите партиски органи, без да се дозволи нивна злоупотреба од страна на било кои поединци или групи.
Причина за свикувањето на вонредниот Конгрес е незадоволството од политиките на актуелниот лидер на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од иницијативата велат дека Христијан Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување меѓународна поддршка.
„Наместо одговори и отчет пред оние кои го избрале, Мицкоски возвраќа со навреди кои се срам за секој чесен член на партијата. Недоличниот вокабулар на Мицкоски и заканите кои ги упатува ги препознаваат и граѓаните и меѓународната заедница. Затоа Мицкоски е изолиран“, велат од Иницијативниот одбор.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Пописот e најмасовна, најобемна, најверодостојна статистичка и во никој случај политичка операција, која претставува важен индикатор за состојбата во која се наоѓа населението“, изјави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во своето обраќање кон граѓаните за значењето на пописот, како најважна статистичка операција.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Владата ќе плати вкупно 24.000 евра на семејствата на двajцa мажи Роми кои умреа под сомнителни околности додека беа во затвор во 2017 година, соопшти Европскиот центар за правата на Ромите. Роднините на починатите затвореници Андриас Реџепов и Ердал Јусинов, кои ќе добијат оштета од државата, во 2017 година сведочеа за ЦИВИЛ за нехуманиот третман од страна на службите во затворите.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Можноста етничката припадност да се впише во личните карти беше дадена уште со законот што бил прифатен со уставните измени. Тоа би можело да биде проблематично за патувањето во регионот што е дозволено и со лични карти, но тоа не е доволна причина во нив да не биде ставена етничката припадност, порача денеска премиерот Зоран Заев.
ДКСК не утврди коруптивно однесување при доделување концесии на фирми чии сопственици се во крвно сродство со премиерот Зоран Заев.
Врховниот суд од денеска има нов претседател изгласан со 12 гласа „за“ и еден „против“. Судскиот совет се одлучи за Беса Адеми. Како што пренесува Алсат-М, освен Адеми за позицијата шеф на највисокиот суд беа и судиите Џемаили Саити и Лидија Неделкова.
Откако Владата на Бугарија на 3 февруари одлучи да го зголеми учеството на средствата од Европскиот фонд за регионален развој за 46 проценти, во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји, во споредба со тековниот програмски период од 2014 до 2020 година, се предвидува да бидат инвестирани над 28,4 милиони евра во заеднички проекти меѓу Бугарија и Северна Македонија во програмскиот период од 2021 до 2027 година. Во моментов се чека одобрување од Европската комисија за реализација на проектот.
Државната комисија за спречување на корупција на денешната 46 седница го утврди потпретседателството на членот на ДКСК, Шемси Салаи, по истекот на мандатот на Катица Николовска.
Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров вчера се состана со новиот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер за Северна Македонија, Даниел Браун.
СЛОБОДНА ЗОНА
Џабир Дерала во колумната „Никогаш ЕУ, никогаш НАТО, никогаш Северна, никогаш попис… Секогаш на браникот на криминалот!“, пишува: „Или накратко: Да живее Зоран Заев! – што би рекол Димче Портпаролче на партијата Никогаш и нејзините сателити. На тоа „никогаш“ може да се додаде и „никогаш релевантни“, „никогаш со своја глава“, „никогаш разумни“ и многу други „никогаш“ кои ги слушаме со децении. Има и едно секогаш – „на браникот на криминалот“… Бурлеска. Човек да се чуди како вакви ликови може да бидат дел од политичкиот и јавниот мејнстрим на една земја“.
„Кога веќе сме донеле одлука да прославуваме, да видиме дали можеме да ги славиме заедно? Значи овој пат славењето посебни празници ќе го оставиме настрана. Нема да формираме комисија со експерти, зошто додека да се договорат кому му припаѓаат светците и да ги исчитаат сите анали поврзани со нив, ќе дојде друг поголем празник, па ќе мора да споиме едно три-четири викенда да ги одбележиме сите“, пишува Војо Маневски во колумната „Св. Трифун и св. Валентин“.
Д.М.