Ердал Јусинов, 25-годишно момче, починал на 22 март 2017 година, во нејасни околности, во затворот во Штип, два месеца по неговото затворање. Младиот Ердал бил осуден за кражба на една година затвор.
Сведочењето на неговите блиски и соседите упатуваат на сериозни аномалии и пропусти на затворската служба и лекарите. Наводно, тие не му пружиле помош цели четири часа, додека Ердал бил во претсмртна агонија.
Семејството на починатиот штипјанец раскажува и за криминалот во затворот во Штип и за дискриминацијата што се врши врз затворениците Роми.
Ердал остави сопруга и две мали деца на милост и немилост на системот.
Затворот во Штип го нарекуваат „Шести“: се наоѓа на шест километри оддалеченост од градот.
Побаравме информација за овој трагичен случај од надлежните во затворот во Штип, но оттаму нè упатија во Управата за извршување санкции. Се обративме и таму. Во телефонски разговор, претставничка од Управата побара од нас да испратиме прашања по електронска пошта. Одговор сè уште нема.
Дехран Муратов
Камера: Биљана Јордановска