ВЕСТ НА ДЕНОТ: Пристигна втората пратка вакцини од Србија
Министерот за здравство Венко Филипче денеска, на граничниот премин Табановце ја пречека делегацијата предводена од неговиот српски колега Златибор Лончар, кој му ја предаде втората пратка од осумте илјади вакцини од компанијата „Фајзер“. Лончар истакна дека денеска го исполнуваат она што го ветиле и го договорилие претседателот Александар Вучиќ и премиерот Зоран Заев.
Филипче изјави дека овој чин на солидарност кој беше на иницијатива на Заев и Вучиќ сега се реализира и во втората фаза како што беше најавено. Со добиените вакцини е започнат кај нас процесот на имунизација на здравствените работници и тој, како што посочи Филипче, засега се одвива одлично, во еден пункт со шест места во Клиничкиот центар во Скопје. Досега се вакцинирани околу 1300 здравствени работници со динамика од 250 – 300 на ден, која ќе продолжи и понатаму.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Најчевска: Опозицијата го девалвира пописот и однапред го осудува на неуспех
„Опозицијата со целокупната своја активност веќе однапред го девалвира она што би требало да претставува реална бројка добиена во рамките на пописот, која што понатаму треба да се искористува за планирање, правење на стратегии, акциони планови и сл“, вели професорката Мирјана Најчевска во изјава за ЦИВИ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Угостителите кои организираат свадбени свечености денеска излегоа на протест пред Владата и на астал и бина со свадбен декор го пречекаа министерот Битиќи за да му објаснат за нивните загуби во периодот кога се забранети свадбите и како да се реши овој проблем.
Независниот академски синдикат (НАкС) реагира што Ректорската управа на УКИМ почнала постапка за изработка на нов Етички кодекс, а нацрт-текстот деновиве е доставен само до дел од вработените на единиците на УКИМ. Исклучени од процесот се и синдикалните организации, иако приложениот Нацрт-Етички кодекс, како што велат, експлицитно уредува права и обврски кон нив.
Усвоена стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје со која се предвидува да се примени родов пристап при планирање и доставување на сите јавни услуги од областите на: урбанизмот, социјалната здравствена и детска заштита, културата, спортот, сообраќајот, животната средина, комуналните дејности…
Регистарот за имињата на улиците денеска доставен на одобрување во Владата. Советот на Скопје вчера на седница ја усвои листата на регистарот на имињата на улиците во главниот град, со што се вратени некои претходни, како „Мексичка“, „Ленинова“, „Железничка“…
Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) денеска едногласно го усвоија Годишниот извештај за завршната сметка на ДИК за 2020 година.
Министерката за култура, Ирена Стефоска на денешната прес-конференција информираше за резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година по дејности и области.
Од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, денеска излезе и партијата ДОМ. Претседателката Маја Морачанин и Мирослав Богдановски се допишуваат на листата на независни пратеници во Собранието.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Крикот на јавноста и жестината на реакциите за овој случај покажаа дека сме желни за правда. И покрај тоа што секој си бркаше сопствена приказна и си бараше причини за тоа како и зошто се случи тоа да го снема еден од двајцата „најбарани“ од народот за „да си лежат“, на крај сè се сведуваше на тоа дека правда мора да има“, пишува Јане Ѓорѓиоски во колумната „Мијалков, драмолетка во два чина“.
Б. Ј.