Премиерата на долгометражниот документарен филм, „101 улога 102 живота, Бајруш Мјаку“, посветен на доајенот на македонската и албанската театарска сцена Бајруш Мјаку, ќе се одржи денеска во Албанскиот театар во Скопје, со почеток во 19 часот.
Филмот е во продукција на Еклипс 92, по сценарио на Решат Камбери и режија на Филип Херин, и претставува биографски филм за актерот Бајруш Мјаку.
Мјаку е роден во Качаник, Косово во 1952 година. Во средината на шеесеттите доаѓа во Скопје каде ја завршува гимназијата „Зеф Љуш Марку“. Уште како средношколец почнува да статира и да игра некои улоги во тогашната Албанска драма, при Албанскиот театар во Скопје.
Во Приштина студирал драмска уметност при Вишата педагошка школа во класа на професорите Фарук Беголи и Беким Фехмиу. Професионален актер станува од 1973 година.
Добитник е на многу државни и интернационални награди: три награди Војдан Чернодрински, две награди на Фестивалот на мали театарски форми, Врача, Република Бугарија, Фестивал на монодрама во Приштина, Награда за Актер, Фестивал на камерен театар, Фиер, Албанија, Награда Ристо Шишков за најдобар актер, Фестивал на камерен театар, Награда за колективна игра, Експериментален Интернационалаен Театар, Каиро, Египет. Најзначајната награда на Мјаку е Гранд При на фестивалот на монодрамата, Киев, Украина.
Д.М