Пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот „Икс против Македонија“ укажува дека е направена повреда на член од Европската конвенција за човекови права – признаваат од Управата за водење на матични книги. Но, токму оваа институција, пред две недели повторно му достави решение на транс лицето со кое се прогласува за ненадлежна за да изврши промена на полот во матичната евиденција. Тоа е спротивно на препораката на Владата која ја задолжи Управата да ја почитува пресудата на ЕСЧП.
Меѓутоа, толкувањето на пресудата во Управата за водење на матични книги оди во насока на тоа дека упатува на обезбедување општи мерки и донесување на законска регулатива, но, не и промена во матичната книга.
„Нашиот Закон за матична евиденција, да, укажува на тоа дека во книгата родени го има полето род, но, не укажува на тоа како тоа може да се промени законски во административно – управна постапка. Бидејќи ние сега сме ставени во некаков круг. Управата реши дека самата пресуда нам не ни го наложува тоа дека мораме по дифолт да ја извршиме промената во книгата и да донесеме позитивно решение, бидејќи во изреката не пресудата не упатува дека треба да се направи промена во матична книга на родени, туку изреката на пресудата е дека е сторен прекршок на член од Европската конвенција. Ние токму поради тоа, донeсовме негативно решение, а во меѓувреме се изготвува закон. Нацрт – текстот на законот е веќе напишан даден е во Совет на Европа на толкување, мислење и негова експертска поддршка и чекаме да бидеме што понатака за да им се помогне на овие граѓани во државата“, велат од Управата за водење на матични книги.
До 17-ти октомври, Владата требаше да испрати и акциски план до Советот на Европа за начинот на кој ќе биде спроведена пресудата за случајот „Икс против Северна Македонија“. Досегашниот епилог е – исплатена оштетата кон транс лицето, но, не и промена на податоците во делот за род во Управата за водење на матична евиденција.
Каков закон предлага Влада, а за каков се залагаат невладините?
Работната група при Министерството за правда изготви драфт верзија на законот за правно признавање на родот и веќе го има испратено на мислење до Советот на Европа. Какви одредби предвидува законот и до кога се очекува повратно мислење – нема одговор од Министерството за правда. Според неофицијални информации, невладиниот сектор барал брза и едноставна процедура со рокови, но и медицинската документација да не биде услов за промена на родот. Односно, тоа да се базира на принцип на самоопределување. Но, сепак, во последен момент во драфт верзијата на законот е вклучена алтернативна одредба, во која промената на родот е условена со медицинска документација. Правото на самоопределување е препознаено од Европскиот суд за човекови права и досега 8 европски земји го признале ова право во домашната легислатива.
За законското решение во октомври годинава, но, и за имплементацијата на пресудата „Икс против Македонија“ се интересираа и претставници од Европскиот суд за човекови права и Советот на Европа кои остварија работна средба со министерката за правда Рената Десковска.
Раководителката на одделот за извршување на одлуките на ЕСЧП, Катерина Недељковиќ, вели дека пресудата е конечна и правосилна и не може да биде оспорена, туку единствено што преостанува е нејзина имплементација. Единствениот одговор на пресудата, според Недељковиќ е усвојување на законот.
„Европскиот суд за човекови права не укажува во пресудата кои услови треба да се постават за регистрација, тоа треба да биде резултат на земјите – членки. Како и да е, како Совет на Европа ние нудиме помош, да обезбедиме нашата експертиза за проценка на предлог законот. Ние сме уверени дека Владата на Северна Македонија ќе го адресира проблемот и неопходниот чекор ќе биде преземен за да обезбеди донесување на законот“, смета Недељковиќ.
Донесување на закон е долг процес, оценува Елени Цецеку од одделението за сексуална ориентација и родов идентитет при Советот на Европа. Според неа, човековите права се секогаш тешки за достигнување за Владите и секогаш постојат реакции, но, вели „ние не можеме да чекаме општеството да биде подготвено“.
„Владата мора да биде храбра и да оди, веројатно, против јавното мислење. Мислам дека невладините организации и луѓето се загрижени дали ќе ги достигнат највисоките стандарди, а ние секогаш мора да ги имаме во предвид највисоките стандарди. Луѓето се загрижени дека тие нема да имаат легислатива како во Малта, Португалија или Норвешка, а тоа е вистинскиот начин да се направи тоа. Но, веројатно, на Владата и треба повеќе време, да научи од другите. Ова не е леснa тема, не е тема која секој може да ја проголта, но тие можат да научат од искуството на владите на други држави, кои можат да бидат олеснувачи на процесот. Јас разговарав со вашата министерка за правда, тие се отворени да одат напред за да направат добра легислатива и се отворени да учат од другите држави. Тоа е нашата улога“, смета Цецеку.
Таа предупредува дека стапките на самоубиства меѓу транс популацијата покажува колку тие луѓе страдаат и дека одговорност на властите е да го прекинат тоа.
Северна Македонија е една од последните држави во регионот која нема закон за правното признавање на родот. Неспорен факт е дека лицето Икс го изоде патот за сите останати лица во борбата со институциите за правно признавање на родот, но, за задоволување на личната правда ќе мора да го почека законското решение.
Петар Клинчарски
Камера: Атанас Петровски
Мотажа: Владимир Перчуклиевски