Човекот кој можеше да биде претседател, а стана препознатлив како Фикусот на поделбите, денес ја направи претпоследната во серијата глупости, со кои се карактеризираа неговите 10 години на функција. Одбра да ја злоупотреби посетата на Папата, прва и историска во Северна Македонија, и да испрати приземни и пристрасни политички пораки, пет дена пред крај на мандатот.
Велат, последната глупост ќе била нова амнестија за криминалците. Наводно се готвела одлука, армијата на експерти, мегафони и наративи веќе биле подготвени. Леле, што ќе правиме…?
Младиќот предлага да не правиме ништо, драги мои. Глупоста најбргу поминува ако се игнорира. На таква претпоставена неуставна и незаконска одлука, директорот на Службен весник би бил должен да одговори со непостапување и игнорирање на Фикусот, необјавување на одлуката со што таа не би била правосилна, и почитување на Уставот и на законите. А Фикусот нека тужи пред Уставен суд, дека не му се почитува незаконска и неуставна одлука. Оти, утре може на некој претседател да му текне со декрети да прогласува сѐ и сешто без да оди по постапка, па и дека Земјата е рамна плоча, ‘не?
Ете така едноставно ќе го прележиме и последното глупаво сценарио, ако се случи. Кога веќе не можеме да избегаме од овој човек и неговите срамови, да го одмолчиме и игнорираме, како тој нас сите овие 10 години. Затоа, не се сакалдисувајте со Фикусот и „издржете“. „Игнорал“, 2 пати на ден, барем уште 5 дена. Не е толку тешко.