УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Всушност, таа порака токму соодветствува на неочекуваната стаписаност на опозицијата од реалната опасност Данела Арсовска да му ја „украде“ сценската слава на Ковачевски со покажаните зачудувачки знаци не само на менаџерско неснаоѓање, туку и на блага политичка незаинтересираност за вршење на првата градска функција, дефокусирајќи ги опозициските пропагандни напори за брзи вонредни парламентарни избори заради претпоставената неуспешност на власта на „пиунот на Заев“…
Како што почна со својот мандат, „кралицата на Мицкоски“ до сега не покажува дека разбира оти, ако ништо друго, во политиката треба барем да оставаш впечаток дека си загрижен за решавање на проблемите, бидејќи во спротивно проблемите почнуваат да те решаваат тебе. Ако се прогласиш за ненадлежна за ништо важно – загадување, транспорт, греење, емпатија… – тогаш и потценетиот „пиун“ брзо ќе стане „кралица“, таа, пак, ќе ги урниса амбициите на својот „крал“, а сомот ќе продолжи слободно да плива откачен од јадицата на моќта.
Ехееее, има за тоа метафори и алегории колку сакате! Шаховските партии во нашава политика полесно се губат одошто се добиваат, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Рибарски приказни за неуловените дебели политички сомови“.
„Со Бугарите ти е како на почетокот на секој брак. Маглата на емоциите ни ја замаглува сликата на состојбите и она што може да се очекува. Мажот ја гледа жената и очекува таа да му остане иста и да не се менува. Но таа по неколку месеци почнува да се менува и се менува долго по медениот месец. Жената уште од почетокот длабоко се надева дека ќе го смени мажот и ќе го прилагоди на своите сонови од моминските денови. Тој само на почетокот покажува намера да се менува, но за неколку години тој се враќа кон неговиот свет и не се менува многу. Во тој судир останува да се толерираат сопружниците и да балансираат меѓу својот свет и реалноста на бракот“, пишува Војо Маневски во колумната „Дочекување“
СЛЕДЕТЕ ВО ЖИВО: Денешниот Утрински брифинг од 7.30 до 11 часот е во тек!
„Утрински брифинг“ е местото каде секој работен ден од 7.30 до 11 часот, низ динамична програма со актуелни информации, анализи и разговори со гости, се поставува општествено-политичката агенда на денот.
Брза пошта, ВАША рубрика во Слободна зона: Останете гласни!
Неодамна, Цивилмедиа.мк воведе нова рубрика – „Брза пошта“, каде што авторките и авторите можат да ги овековечат своите мисли, белешки и пораки. Во трката со времето, често се нема време за пишување долги и елаборирани коментари и анализи, а потребна е брза реакција. Затоа, Редакцијата одлучи да отвори таков простор кој може да послужи и како своевидна комуникациска алатка, размена на мисли и пораки, но и вовед во пошироки анализи и мислења.
НАСТАНИ
ПРИМОПРЕДАВАЊЕ: Денес, со почеток во 09:00 часот во Владата на Република Северна Македонија ќе се случи примопредавање на функцијата и кабинет помеѓу досегашниот премиер Зоран Заев и новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски.
ПОСЕТА: Во посета на Република Северна Македонија ќе биде министерката за Европа при Министерството за надворешни работи на Германија, Ана Лирман.
Владината делегација предводена од Претседателот на Владата на Република Северна Македонија ќе оствари средба со германската министерка за Европа Лирман, по што следуваат две билатерални средби со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и министерот за надворешни работи.
Фокус на разговор ќе бидат билатералните односи меѓу двете земји, економско-политички прашања како и европската перспектива.
КАМПАЊА: Преку соодветни текстови, видео и аудио записи и годинава, од 1 февруари, продолжува Националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, соопшти здружението „Ретко е да си редок“. Оваа година, со четвртата сезона од кампањата, се заокружуваат точно 111 обработени дојагнози, во насока на подобро запознавање на јавноста со ретките болести. Целта на проектот е граѓаните да се запознаат со ретките болести.
КОНФЕРЕНЦИЈА: „Глобалните трендови и предизвици поврзани со идентитетите, културното наследство, животната средина, креативните заедници, туризмот и одржливиот локален/регионален развој“ ќе биде фокусот на дискусиите на десетата Меѓународна научна конференција „Охрид-Водици 2022“, што од денеска ќе се одржува во Охрид.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев