На денешната владина седница, на предлог на Министерството за одбрана, по презентирање информации за потребата од испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во борбената група на НАТО во Република Бугарија и во Република Романија, се донесени одделни одлуки за испраќање на армиски единици во двете земји.
Задача на борбената група на НАТО е, како дел од зголемените активности за будност на НАТО (NATO enhanced Vigilance Activities – NATO eVA), да ја зајакне одбраната на источните граници на НАТО во Република Бугарија и во Република Романија, информираат од Владата.
Во соопштението се наведува дека реализацијата на активностите го зајакнува партнерството и соработката меѓу Северна Македонија и останатите сојузници во рамки на НАТО и истовремено влијае на проширувањето на билатералната соработка на Северна Македонија со Бугарија, Романија, САД, како и останатите сојузници и нации, кои ќе придонесуваат во борбената група со персонал и опрема.