Израелската полиција соопшти дека премиерот Бенјамин Нетанјаху (67) е осомничен за изневерување на довербата и за корупција.
По неколкучасовното испитување на самиот Нетанијаху во јануари годинава, и по повеќемесечна истрага, израелската полиција им доставила документ на новинарите, но со ембарго на објавување на дополнителни детали за обвиненијата против премиерот.
Кабинетот на Нетанијаху негира какви било престапи на премиерот, и обвиненијата ги оцени, како и досега, како политички „лов на вештерки“ и кампања за смена на Владата, организирана преку непријателски медиуми, кои не се согласуваат со неговите политички ставови.
По истрагата во која се сослушувани десетина лица во Израел и во странство, Нетанјаху е осомничен за примање на подароци од странски бизнисмени, што му е законски забрането како на функционер, како и за обиди за обезбедување прекумерно влијание врз медиумите. Тој бил испитуван за разговорите со издавачот на тиражниот весник „Једиот ахронот”, Арнон Мозес, со кого, според обвиненијата во медиумите, се договарал за градење пооубава слика во јавноста за него.
Нетанијаху е на одговорни функции во Израел, со прекини – од 1996 година, со повеќе премиерски мандати.