Европската комисија донесе одлука да го продолжи финансирањето на проектот Европската новинска редакција (ЕНР), од кој дел е и Медиумската информативна агенција (МИА), за уште две години, почнувајќи од 1 февруари 2024 година.
ЕНР е проект координиран од германската агенција ДПА, кој обединува 23 новински агенции од ЕУ и Западниот Балкан и кои објавуваат медиумски содржини на 22 јазици. Цел на ЕНР е да ги поврзува агенциите членки и нивните дописници во Брисел за да работат заеднички и да известуваат за теми и прашањата поврзани со ЕУ, кои потоа на непристрасен и независен начин се дистрибуираат до јавноста преку нивните интернет страници и медиумите корисници на нивните медиумски содржини. ЕНР на агенциите членки им овозможува еднаков пристап до информации, што го отвора патот за сеопфатно и разновидно известување.
Покрај заедничкото високо професионално, навремено и точно известување и информирање, агенциите членки соработуваат и во реализација на заеднички проекти и медиумски продукти, како и на обука, доедукација и заеднички развој на новинарски стандарди, а се предвидува и производство на мултимедијални содржини.

ЕНР нуди и алатки за проверка и верификација на фактите кои помагаат да се поддржи квалитетното новинарство преку спротивставување на растечкото ширење на дезинформации, пропаганда и лажни вести, со што на агенциите им обезбедува проверени факти и професионален пристап до вести и извори на информации, воспоставувајќи центар на новинарски квалитет и интегритет во срцето на ЕУ.
Накратко, станува збор за здружени европски агенции што работат заедно на еднакво ниво. Тоа не е само идејата зад редакцијата, туку и идејата зад обединета Европа.
И според оценката на Еврокомисијата, релевантност според која се издвојува ЕНР се отсликува во тоа што нејзините агенции членки дистрибуираат релевантни и квалитетни вести поврзани со ЕУ до медиумите во голем број земји.

Проектот во следните две години ќе биде финансиски поддржан од Европската комисија со над 2,3 милиони евра.
ЕНР функционира од јули минатата година и нејзиното седиште се наоѓа во Резиденс Палас, која е дел од комплексот згради на институциите на ЕУ во Брисел, каде секоја од агенциите членки има свој работен простор.
Покрај носителот на проектот, ДПА, и МИА, во ЕНР се вклучени и француската АФП, италијанската АНСА, романската АЏЕРПРЕС, австриската АПА, албанската АТА, грчката АМНА (АНА-МПА), холандската АНП, белгиската Белга, бугарската БТА, шпанските ЕФЕ и Европа Прес, португалската ЛУСА, полската ПАП, данската Ритзау, словенечката СТА, српската Танјуг, словачката ТАСР, украинската УКРИНФОРМ, босанската ФЕНА, хрватската ХИНА и чешката ЧТК.
Фото: ЕНР












