Владата го стави прогресивниот данок на личен доход во мирување од 36 месеци, односно до 1 јануари 2023. На денешната прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска изјави дека не бил постигнат посакуваниот ефект.
Ангеловска рече дека не станува збор за укинување, туку за одложување на овој тип на данок, се додека не се адаптира соодветна имплементација.
„Имаше бурни реакции кај граѓаните дека се направени без консултации, а компаниите реагираа на непредвидливоста. Имаше предочувања дека ќе има избегнувања на плаќање, со префрлања на фирмите во странски земји, бидејќи знаеме денеска колку е мобилен капиталот. Лично јас сметав дека не се создадени условите, бидејќи треба да внимаваме на тајмингот. Најпрво треба да бидеме уверени дека тоа е лесно за администрирање и сите да плаќаат данок“, вели Ангеловска.
Анализата на министерката покажала дека прогресивниот данок на личен доход ја намалила ненеднаквоста за само 1%, а за 50% изгубени се приходи кои можеле да се соберат поради избегнување така што обврзниците се префрлале во друг систем или ги префрлиле приходите од автоски дела и закупнини на други лица.
„Даночните обврзници не треба да се чувствуваат како казнети, туку треба да имаат доверба за тоа каде се трошат нивните пари и да сакаат да ги плаќаат со верба дека придонесуваат за општеството“, истакна министерката.
Според Ангеловска, Владата останува на ставот дека треба да се применува овој данок, но дека во моментов не се исполнети условите за тоа.
„Да сумирам – во следните 36 месеци стапката од 10 проценти ќе се применува на доходот од работа, доход од самостојна дејност, доход од авторски права и доход од продажба на сопствени земјоделски производи, односно оној доход за кој според актуелното решение е утврдена прогресија“, рече Ангеловска.
Она што исто така е новина е што се зголемува и прагот за ДДВ обврзници од 1 на 2 милиони денари. Според анализата ваквата мерка ќе значи намалување на административниот товар за малите и средни претрпијатија како директна поддршка за нив полесен раст. Потоа, намалување на административниот товар врз даночната администрација и зголемување на ефективноста и ефикасноста.
Ангеловска најави и дека периодот на останување во системот како ДДВ обврзник се намалува од 5 на 3 години, а сите правни и физички лица кои во 2019 година не го надминуваат прагот од 2 милиони денари ќе може доброволно да се дерегистрираат.