ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжи со промоцијата на „Граѓанската повелба“, како дел од проектот „Општество без граници“, во Велес.
Во присуство на медиумите, граѓанските активисти и присутните велешанки и велешани, ЦИВИЛ детално ги презентараше сите активности поврзани со „Граѓанската повелба“ – глобален документ за унапредување на граѓанските права и за активно учество на граѓаните во процесите на одлучување. на светско и на национално ниво.
Граѓанките и граѓаните имаа можност да добијат информативни и едукативни материјали, како и да се приклучат кон поддршката за Повелбата, преку потпишување на изјава за поддршка или со учествување во фото и видео-петицијата.
За да се чуе мислењето на граѓанките и граѓаните од овој регион за нивните проблеми поврзани со социјалната правда и заштитата на животната средина, тимот на ЦИВИЛ Медиа направи анкета во центарот на Велес. Живот на работ на сиромаштијата, загадувањето, но и иселувањето на младите, беа главни теми за кои зборуваа велешани.
На средбата на претставниците на граѓанското општество со активистите на ЦИВИЛ, подетално се разговараше за еколошките и социјалните проблеми и за улогата на граѓаните во донесувањето на политички одлуки на локално ниво.
Проектот „Општество без граници“, ЦИВИЛ го спроведува со поддршка на германската Фондација „Хајнрих Бел“.
Текст и фото: Б. Јордановска