Оливер Андонов
Во нашата Македонија ништо не функционира. Не функционира на државно ниво, на градско-општинско, на ниво на месна заедница. Не функционира образованието, здравството, социјалата, финансиите, културата, сигурноста и одбраната, економијата. Пардон, економијата функционира, така кажа Мицкоски, дека сме трета економија во Европа.
Е токму тука е проблемот. Што ние како граѓани слушаме што ни кажуваат пропагандните лудаци, а кога им веруваме тоа значи дека ние сме повеќе луди од нив. Значи имаме држава за ретардирани. Оние кои веруваат на ПР-от на Мицкоски и влада која сопствените граѓани токму затоа што ѝ веруваат и ги смета за ретардирани во умот и може да си продолжи со лагите.
Еве на пример една лага која допрва новиот министер за здравство ќе ја користи како голем успех. Пред околу две недели се направи првата операција на урологија во државна болница со помош на робот. Веднаш, помалку срамежливо се огласија „новинарите“, опишувајќи ја оваа операција за огромно достигнување и дека сме први во регионот. Да, да први сме, но со кинески роботи и со кинески методи, вакви операции во регионот се прават последниве дваесет години со европски роботи, по европски стандарди по моделот Da Vinci. Сега новиот министер ќе набави кинески роботи и ќе се фали. Ви кажав дека средбата на Димовски нема да е случајна, што се вели, според моделот на Вучиќ ќе ни влезат кинезите. Патем, подобри сме од Србија, таму немаат ниту кинески роботи – сѐ уште.
Тоа околу што летово ќе се забавуваме и со што пропагандно ќе не бомбардираат ќе биде изборниот законик. Само се чудам, дали сме до толку со кратко паметење. Па токму таканаречената „пржинска влада“ и измените на изборниот закон под притисок на ЕУ во 2015 и 2016 година и Ван Хауте (оној со велосипедот, што го мразевме) во голем дел беа како резултат на гласањето на дијаспората. Сега повторно иста песна со нов глас. Ќе расправаме за гласање на дијаспората и тоа електронски, наместо да направиме измени на изборниот закон и суштински го смениме моделот на гласање, го намалиме бројот на пратеници во Собранието на деведесет и го зголемиме квалитетот и можноста за избор, како и да го осовремениме начинот на гласање за сите државјани на Македонија. Ново е само тоа што ЕУ амбасадорот Рокас сега го поддржува Мицкоски и ни објаснува како изборниот закон е добар. Прашањето е дали тоа го прави во лично име, во договор со Мицкоски, за трети интереси или навистина ЕУ го поддржува Мицкоски, па амбасадорот јавно ги искажува ставовите на ЕУ. Искрено, лично се сомневам во третата можност и тоа основано.
Но да се вратиме директно на темата, за да ни биде јасно зошто треба да сме среќни што при еден летен порој немаме жртви во Скопје – кое нели го сакаме, или го сакаа, така некако беше.
Во недостиг од идеи, умеење, знаење, работна навика и воопшто конкретни дела и работа, Мицкоски излезе на Сител да ни каже дека ќе го примени моделот на Вучиќ во однос на владеењето – тормозењето на нашата татковина Македонија, односно на сите нас. Имал тој уште многу што да даде. Ами што даде овие две години колку што е премиер?
Можете ли да се сетите на нешто што даде, на некој конкретен инфраструктурен проект од национално значење (за градинки, депанданси, улички и чешмички на локално ниво не зборуваме), на некој клучен закон, на пример на закон за потекло на имот или закон за антикорупција со ригорозни казни за оние кои ќе брцнат во народните пари? Е не можеме да се сетиме.
Го смени ли Кривичниот закон во однос на членот 353 (клучниот член за борба против корупцијата) како што нѐ убедуваше пред две години, тврдејќи дека СДС и ДУИ направиле криминал со измените на Кривичниот закон, а нашите, од ВМРО-ДПМНЕ пратеници им направија кворум.
Може ли да кажете дека подобро живееме со зголемување на просечната плата, на минималната плата за 1.660,00 денари, на пензиите за 6.000 денари? Ние сме луди доколку веруваме на ваква евтина пропаганда. Ами, според закон, владата е должна да ги усогласува минималната плата и пензиите на секои шест месеци согласно стапката на инфлација. Драги пензионери, сте добиле 6.000 денари за две години, но пресметајте колкава ви е инфлацијата (онаа официјалната е 4,5-5%) и дали и со таа, официјалната инфлација, доколку Мицкоски го почитуваше законот не требаше да имате многу поголеми зголемувања. Всушност, каде ве украде, уште и ви продава приказни и тоа на национална телевизија, дека ви ги зголемил платите и пензиите.
Колегите во армијата ниту такво покачување на платата немаат, тие чекаат до година да дојде.
Расказот за тоа дека сега имаме книги за 5-то и 6-то одделение е една таква лудост во која не знам кој треба да поверува или е според пропагандниот модел на листата на броење успеси. Покрај сите предупредувања во врска со погрешно конструираниот закон за високо образование (што треба да е национален проект), а не е само тој, инаетот беше толку голем што доведе до пропаст на проектот, односно негово замирање, па затоа на листата на фалби ќе имате дека се испечатиле учебници (тоа е годишна обврска на министерството за образование од која патем некој зема мрсни провизии), но нема да имате национален проект за законско уредување, стабилизирање и развој на образованието, а како негов дел и на високото образование, а не пак некоја револуционерна идеја за осовременување на воспитно-образовниот процес во државата.
Секако, никој не сака да зборува за воспитание, затоа и имаме таканаречено врсничко насилство, а се работи исклучиво и само за воспитание, кое во рамки на образовниот процес одамна поради некои „генијалци“ – го исклучи воспитниот аспект. Затоа и ви реков дека и социјалната политика не ни функционира, а кога сме кај неа – социјалата, еве ќе имаме и нов министер Ѓоко Велковски. Имам едно прашање за Ѓоко, кој е наш сопартијец:
„Ѓоко каков ти е ставот во однос на уставните измени – Бугари во Устав?“
Ова прашање не е провокација, ниту пак сакаме како Внатрепартиска фракција да му дваме некакво алиби на Мицкоски за неговите будалаштини и јасно изразени позиции по оваа прашање кои немаат врска со здрава памет. Нема да зборуваме за темата Бугари во Устав, доста беше со оваа тема на која Мицкоски единствено и игра во однос на празниот и пропаганден национализам. Прашањето се наметна затоа што видов една ПР слика од Ѓоко на која со нашето партиско знаме е сликан на гробот на Тодор Александров. Таа пропагандна слика треба да ги убеди нашите сопартијци во тоа колку е ВМРО-вец Ѓоко. Ами, нема нужда од тоа, знаеме дека Ѓоко е наш член. Таа слика за лудата пропаганда повеќе може да значи контра прашање: „Кој бил Тодор Александров и за каков се сметал себеси?“ Судејќи по натписот на плочата на неговото име, истото е напишано со бугарска азбука и бугарски правопис. Толку за умните и за испратените пораки – лудите ќе си бидат луди, на која и да се страна. Така што Ѓоко, нема потреба од одговор.
Оној новиот министер за здравство Клековски никогаш и не бил наш член. Човекот си е приватен бизнисмен кој никогаш и не работел како лекар – стоматолог, но има една голема предност, тој е личен пријател на Мицкоски и бизнис партнер, па Мицкоски си го води во партија за да си ги засили позициите. Одамна ви кажав дека со Мицкоски партијата нема да ни ја водат партиски кадри произлезени од базата и долгогодишното партиски искуство туку тоа ќе бидат лични пријатели на Мицкоски, бизнис партнери и сомнителни лица под маски. Затоа и ви реков дека допрва ќе се соочиме со лудачка пропаганда во здравството поврзана со кинески роботи за чија цена и ефикасност подоцна ќе дознаеме. Патем, нели сме загреани за членство во ЕУ, или владата глуми загреаност за ЕУ, а ѝ намигнува на Кина. Нешто околу парите ќе да е.
Во овој нашминкан кабинет на Мицкоски, кој самиот рече дека има уште многу да даде или да земе беше, од Македонија секако. А и тоа со давање-земањето ќе го објасниме подолу, има уште еден интересен лик. Тоа е новиот министер за земјоделие откај патриотот Максо. Човекот се образувал од основни студии до докторат во Бугарија. Некако поприлично сум сигурен дека има и бугарско државјанство, но неговиот партиски став е „НЕ за Бугари во Устав“. Онаа епизода со отворање клон на приватниот универзитет Св.Св.Кирил и Методиј од Пловдив во Св. Николе која ја водеше токму Борче Серафимовски, а потоа замина на Славјанскиот Универзитет кажува многу, но неа не можеме да ја видиме во лудачката пропаганда затоа што секако ќе биде премногу.
Така, додека нѐ забавува Мицкоски со неговите егзибиции на Сител, со шминкање и префрлување ресори во неговата божем влада и објаснувајќи ни колку тоа тој има уште да даде или беше да земе од Македонија, според проверениот пропаганден модел на Вучиќ, за тоа за што им гори под нозете – нема коментари. Апсолутна тишина. Потполна медиумско-пропагандна темнина. Нема пропагандни лудости. Нема ништо. Има само паника како да се сокрие од јавноста, а во исто време да се преживее и објават слики на прославата на 250 години од независноста на САД одржана во амбасадата на Кале.
Ете, затоа тука сме ние од Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, да фрлиме светлина врз тоа што сака Мицкоски да го сокрие. Фракцијата од пред три месеци се обиде да ги осветли и објасни нештата, преку јавно излагање на еден од поддржувачите на фракцијата, господинот Зоран Ефремов, инаку децениски член на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ.
Во едно свое јавно излагање тој зборуваше за НДА 26 законот. Тогаш многумина се прашуваа – За што зборува овој? Во Македонија ова во врска со НДА 26 законот никој не го објави, ниту пак овие, запенавени по бугарскиот идентитет, анални-затори нешто проговорија за овој закон донесен во САД, а кој директно се однесува на Македонија, пардон Северна. Е па драги мои, кога не можеа да смислат некаква пропагандна лудорија во партија и во владата на Мицкоски, настана паника, за која најдобро решение е да се премолчи оваа работа. Паниката не е само кај нас во партија и во владата на Мицкоски, туку и на Бихаќка, Мала Речица и другите холивудски адреси низ Македонија кои нели се „крстеа“ во Трамп и беа први во редот. Па, еве да фрлиме малку светло во темнината врз актите на Конгресот на САД кои не создадоа толкава паника, туку затоа што законот беше потпишан од Трамп.
Всушност, се работи за продолжување на Националната Вонредна Состојба на САД врз Балканот вклучително и Македонија, која во овој документ е посебно и прво спомената како Северна Македонија. Документот не се однесува на државата во целост, туку на политичките лидерства и поединци – политичари, бизнисмени и слични лица кои со своите дејствија го загрозуваат мирот и меѓународните напори за стабилизација на Западен Балкан, што го спречуваат напредокот кон ефективно демократско владеење и целосна интеграција во трансатлантските институции и понатаму претставуваат необична и извонредна закана за националната безбедност и надворешна политика на САД.
Националната вонредна состојба во САД има посебно правно значење. Тоа не значи дека државата е во војна или дека граѓаните на САД се во непосредна опасност. Во конкретниот случај за Македонија тоа значи дека владата на САД смета дека одредени настани и активности на политичките актери и самите тие пред сѐ во Македонија (обрнете внимание на „политички актери“) може да влијаат врз американската национална безбедност и надворешна политика па поради тоа ги задржува правата и правните овластувања за санкционирање на лица и организации кои меѓу другото се вмешани во значителна корупција, го нарушуваат владеењето на правото, се однесуваат националистички и екстремистички и слично. Некако ова звучи многу познато па дури и идентификациски на ликовите кон кој се однесува.
Ете затоа ништо не слушнавте за ова во рамки на пропагандата. Тоа не треба да го знаете, за да не ви се наруши лажната слика која ви е создадена и тоа не само за Мицкоски туку и за останатите глумци политиканти. Доколку не нѐ бомбардираат со лудачка пропаганда од која само еден дел споменавме во оваа колумна, ќе почнете да размислувате, анализирате врз основа на факти и лично искуство, а тогаш нема да им се пишува добро.
Ова особено важи за нас во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што ќе го одлучи Мицкоски, па дури и да остане на власт до кога и колку што сака, за нас треба да е неспорно прифатливо и не смее да се приговори ништо на неговата волјата. Тоа во нацистичка Германија се дефинирало, односно се поставувало на ниво на политичка лојалност, односно начела на функционирање? Тоа е систем кој треба да ве владее. Систем чиј инструмент е токму лудачката пропаганда. Сѐ се поставува врз основот на основната премиса „неразрушлива вера во една единствена вистина“ – само нашата вистина е вистина. Потоа доаѓаат – „вистината која е изнесена од една и единствена партија“, „на чело на таа партија стои единствен водач“.
Значи нашата партија ВМРО-ДПМНЕ е Мицкоски, Мицкоски е Македонија, Македонија е Мицкоски. Потполно истиот модел е соодветен и за комунизмот (Сталин) и за Хитлер. Оттука се поставуваат неколку логични и јасни прашања на кое пропагандните лудаци нема да можат никогаш разумно и аргументирано издржано да ви одговорат:
- Дали реално ВМРО-ДПМНЕ е демократска, про-ЕУ и про-НАТО партија?
- Дали сегашната политичка пракса во ВМРО-ДПМНЕ е соодветна но онаа на Хитлер и Сталин?
- Дали ВМРО-ДПМНЕ треба да се угледа на функционирањето на западните демократии и политички партии на десниот центар?
- Зошто Мицкоски не ја демократизира нашата партија ВМРО-ДПМНЕ и не постапува според урнекот на демократско внатрепартиско, државно и општествено постапување на европските десно-центристички партии или по урнекот на нашиот стратешки партнер Обединетото Кралство?
Тука ќе направиме паралела на пропагандните лудости и по две години мандат „реконструкција“ на владата на Мицкоски и секако неуспесите. Паралела со нашиот стратешки партнер Обединетото Кралство и нивниот демократски политички модел.
По две години мандат падна Кир и ќе го наследи Ендру. Британците покажаа висок степен на демократија и покрај присуството на Фараж во политиката на островот. Најпрво, Конзервативците (пандан на нашата ВМРО-ДПМНЕ) за четири години сменија пет премиери, а сега и Лабуристите во сред мандат менуваат премиер. Тоа е одлика на висока политичка култура, изградена свест и одговорност за својата општествена, државна и партиска улога која наметнува самоодговорност кон партиските членови, кон граѓаните на државата за неуспехот на политиките кои си ги декларирал.
Тоа нешто кај Мицкоски и во нашата партија го нема. Нема чувство на самоодговорност, нема чувство ниту на одговорност кон нас членовите на партијата затоа што за ништо не не прашува, а најмалку има одговорност кон граѓаните. Целата „одговорност“ е сместена во пропагандната лудост кон граѓаните и држењето цврсто на клиентелата под своја контрола фрлајќи им трошки за нивната беспоговорна лојалност и однесување кон членството како кон далечински делегирани несловесни битија. Тој пат го помина СДС – навистина умрено. Тоа го гледаме на дневна основа, посебно оваа дополнителна фрагментација која им се случува поттикната од старите кадри на Бранко а финансирана од олигархијата за да му се помогне на Мицкоски да остане во функција затоа што нема кој да го замени. Но драги мој сопартијци, таа судбина која ја гледаме во СДС ќе ни се случи и нам и тоа во првата прилика кога на политикантската сцена во Македонија олигархијата или некој друг ќе си најдат нов палјачо за лажење и забава на граѓаните. Секако доколку ние самите не се избориме или не се создаде автохтона политичка структура различна од сегашните.
Знаете зошто во Обединетото Кралство со векови постојат политичките партии посебно Ториевците и Лабуристите? Затоа што изградиле демократски односи, чувство на самоодговорност, на одговорност кон своите членови, кон граѓаните и пред се кон државата. Тие не зависат од еден суетен лик кој живее во некој полусвет кој себеси се гледа доживотно на функција и кој имал да даде уште многу за државата и граѓаните, а за две години мандат ништо не даде. Тие имаат внатрепартиски механизми кои го ограничуваат премиерскиот мандат а имаат и систем на вредности и вреднување на резултатите, па така секој неуспешен премиер или министер едноставно си заминува. Впрочем Трас си замина за само неполни два месеци. Тие немаат пропагандни лудаци кои по секоја цена ќе бранат нечиј лик и не дело.
Откако ќе мавнеме со сета сила од земја, ние како ВМРО-ДПМНЕ (барем ние кои ќе останеме во партијата) ќе се сетиме како несоодветно сме се однесувале. Како униите и партиските тела и Општинските и Месните комитети наместо да избираат свои претседатели и органи му се поклонуваат на Мицкоски за тоа што ги избрал. Не ги избрал – ги поставил – ги октроирал, и затоа мора да му се лојални и да бидат дел од пропагандната лудост.
Кога тоа ќе заврши, а ќе заврши со силен тресок, токму овие октроираните први ќе побегнат од местото на злосторството и ќе се обидат со контра пропаганда уште полудачки да се оправдаат.
Дотогаш, драги мои сопартијци, обидете се да се погледнете во огледало и да се запрашате дали имате вие одговор на четирите прашања кои ги поставив погоре. Во меѓувреме, драги сограѓани, уживајте во пропагандните лудости и не заборавајте да верувате во тоа.
Проф. д-р Оливер Андонов е професор на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје | Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА
Во ера на дезинформации, националистички популизам и авторитаризам, неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ
Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот
Дајте го својот придонес СЕГА













