ДЕХРАН МУРАТОВ
Невообичаен „молк“ од најгласните пропагандисти за синоќешната средба на лидерите на политичките партии на Албанците од земјава со премиерот на Албанија, Еди Рама во Тирана, (со исклучок на Билал Касами од БЕСА), за разлика од пред пет години кога ширеа параноја дека на тогашната средба ќе се формира т.н. „тиранска платформа“ со која ќе се „кантонизира“, „федарилизира“ и „расцепува“ Македонија.
Пет години подоцна, нема ниту федерализација, кантонизација, ниту е расцепена или поделена државата по ниту еден основ, туку напротив. Граѓаните соработуваат меѓу себе, а нацонализмот и омразата се на маргините.
Неуспешни беа и обидите на одредени медиуми, блиски до опозицијата, да внесат страв и немир кај граѓаните, со насловите како што се: „Пет години по првата, следува втора “Тиранска платформа” и нови црни сценарија за Македонија?“; „Tиранска платформа 2: Таравари призна дека кај Рама се договорале уставните измени во Македонија“; „Ахмети: Без Албанците нема да ја има ни Македонија“…
Ниту партиските ботови не беа креативни и активни на социјалните мрежи, со исклучок на неколку изолирани случаи кои ширеа омраза и партиска пропаганда. Меѓутоа, генерално и пред и по средбата во Тирана, преовладува молк од македонската опозиција. Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ излегоа со бледо соопштение за тиранската средба. „Никакви средби, и спроведување на туѓи агенди нема да го спасат од катастрофален пораз Димитар Ковачевски и СДС на следните предвремени парламентарни избори“.
Дека политичките лаги и манипулации за „тиранска платформа 2“ не поминува повеќе кај граѓаните покажува фактот дека во текот на вчерашниот и денешниот ден повеќе се зборува за убиствата на кучињата скитници во Струга, отколку за средбата во Тирана. Време е да се освестат политичарите кои пропагираат националистичка реторика, дека граѓаните ги засегаат реални проблеми и бараат решенија за истите. Граѓаните веќе се презаситени од национализмот и популизмот што им го сервираат пропагандните кујни!