ВОЈО МАНЕВСКИ
Некако со првите денови на летово температурата меѓу моите сограѓани се подигна и тоа не само поради најавените тропски горештини. Нѐ плашат дека ќе сме имале студена зима, а можно е да била и гладна. Правецот за Европа ни бил попречен од комшиските трупци полегнати на патот како да е нивен од амебите, па до сега. Среќа што трупците се од расиплива материја и ако постојат уште некое време ќе иструлеат и ќе го ослободат патот. Само да не се покажат букови трупци зошто имаме искуство со балвани (трупци) кога беа револуционери, па во Хрватска и Босна мораше со тенкови и многу жртви да се тргаат од патот. Секако ќе мора да се подзачисти после нивната улога, ама тоа е цената кога имаш работа со трупци.
Во такво геостратешко расположение со мојот комшија ги одминуваме улиците до градскиот пазар. Петок е, а кај нас тоа е ден за пазар. На турски пазар е недела, ама да го заобиколиме тој податок зашто и со нив ќе почнеме да се расправаме кој од кого го зел терминот и каде го поставил. Може на крај да испадне пазарниот ден да треба го правиме во недела за да не ги вознемириме со толкувањата на потеклото на тој поим и термин. Кој со топло млеко се изгори и на матеницата дува!
Пред гимназијата во која се образувале многумина од денес познатите личности во државата учениците влегуваат и излегуваат. Инспиративна тема за дијалог, ама и за пропрашување за темата образование како да сме на екстерен испит.
– Погледни новинар, ваквата слика е за разгалување на душата. Гледај ученици се запишуваат во гимназијата и ќе седнат на местата каде седеле нивни професори и други ликови за кои учат во учебниците! Е сега да ти кажам две работи за кои сигурно не си размислувал, а може и не си знаел. Не сте вие новинарите сезнајковци како што се претставувате. Ај да се кладиме по пиво и печени крилца дека сите гимназии во Македонија сметаат дека се биле при врвот на квалитетните средни училишта. Пред неколку денови разговарав со едно сватче од Велес и тој со гордост вели дека Велешката гимназија е секогаш една од најдобрите во Македонија. Друг пријател од Пробиштип ми се жали дека нема веќе деца за добар клас во нивната гимназија, а некогаш била една од најдобрите во државата. Можеби е и така, иако сите не можат да бидат најдобри, ама некоја генерација излегла вонсериска и тоа се запаметило. Ова да го истражиш и да го напишеш, а не само приказни за Штип да пишуваш, дај нешто современо во пишувањето, а не само „причам ти причу“!
Чекај, чекај да ти помогнам во истражувањето! Знаеш ли како и зошто во поранешната држава, најценето било гимназиското образование? Е, слушај вамо, како трасер на работна акција почна да ми образложува комшијата. Во 1957 година на највисоко ниво е донесена одлука за осовременување на образовниот систем. Заради тоа секоја од републиките испратила по пет члена во сојузната комисија. Поделени се сите членови во шест работни тела и се испратени во европските земји да видат кој образовен систем е најпогоден за домашните услови. Ако ти кажам кој сѐ од Македонија бил член на таа комисија ќе видиш дека се работи за идни декани на Филозофскиот факултет и високи државни функционери. Три години траела нивната мисија низ Европа, а се земени и мислења од експерти за образованието од најголемите универзитетски центри.
И знаеш ли што е заклучокот од нивната работа, кога сѐ што виделе ставиле во анализа? Ако сакате да ја подигнеме општата образовна основа во државата, тогаш треба да воспоставиме гимназиски систем од каде ќе се црпат идни студенти по сите струки. Друг предлог бил да се воведе германскиот систем на образование, каде праксата е задолжителна во образовниот процес во средните стручни училишта и од таму се црпат кадри за техничари и други струкови образованија. Следните три години е подготвувана реформата и е усвоена во пролетта 1964 година заедно со уставот, кој е донесен таа година и значел поголеми права за републиките во федерацијата. Со уставот е протната и образованата реформа. Со тоа се поминало на основно образование од осум години, па средно од две три и четири години во зависност од струката што се учела. Гимназиите станале столб на кадровска база за факултетите. Еее, новинар, те изморив ли? Епа и ние по нешто знаеме од системот, а не само вие „аналитичарите“.
Одев покрај него и размислував за сето што го кажа и се подготвував за прашања, присетувајќи се дека моите сограѓани што завршиле гимназија во седумдесеттите и осумдесеттите имаат енциклопедиско знаење, зошто тогаш под поим образовен човек се подразбираше да има познавање од сите области на општеството.
Е добро, се согласувам и без да се спориме во улогата на новинарството, само ќе те надополнам дека во Хрватска се вршени истражувања на соодносот меѓу знаењата на инженерите од тогашна Југославија и Германија. И тогаш германските инженери имале поголеми знаења, но разликата била како еден спрема еден и триесет, а сега таа разлика е двојно поголема во корист на знаењето на германските инженери, споредено со сегашните хрватски инженери. Во општествените науки дури предноста била на страна на дипломците од Загрепското свеучилиште. Сега предноста е кај Германците. Ние секако не сме биле на ниво на Хрватска, ама кон средината на осумдесеттите се приближивме кон нивните просечни оценки. Ако се земе процентот на необразовани лица во Македонија во педесеттите тоа е историски скок – се обидував да ја одбранам новинарската професија кога се работи за информираноста.
Разговорот нѐ водеше до влезот на пазарот и како по партиска задача се свртевме еден кон друг и поставивме иста дилема. Епа како тогаш од тоа ниво се симнавме до сегашнава состојба кога сите деца се одлични, ама кога треба да го докажат тоа на некакви проверки на знаењето тоа не го потврдуваат.
Одговорот на дилемите го оставивме за после пазарот, за да не ни пречи во уживањето во разговорот со разните продавачи на земјоделски продукти, кои зборуваа на македонски јазик, ама со разни дијалекти. Тоа е потврда дека сме посебен јазик со свои дијалекти, а не сме јазик кој е дијалект на некој друг јазик. Пазарот е чудо ми вели комшијата, покажувајќи ми еден плетен „цегер“ со жолта боја, што му останал уште од времињата кога пластичните кесиња ги испратија торбичките и цегерите во темнината на рафтовите за зимница.
Ај сега по едно пиво и порција пилешки крилца за да ја завршиме дискусијата, предложи комшијата како цела вечер да го слушал Макрон, како се обидува да најде излез меѓу нас и „евопеизираните“ соседи.
Да не се фатиме во непринципиелна дискусија јас предлагам, прво ти да ја изложиш твојата теорија, а потоа јас ќе си го кажам своето, предложи комшијата. Само додека јас образложувам ти немој да им попаднеш на крилцата!
Добро ако се сомневаш во тоа, јас прв ќе кажам што мислам, а ти јади од крилцата колку сакаш – констатирав.
Прво се сменија улогите во светот, се смени и потребата од разни типови на образование. И самиот начин на живот се смени. Сега не се потребни сестрано образовани личности, а се бараат тесно стручни профили на образование. Сите промени се одвиваат многу побргу одошто посиромашните земји можат да ги следат. Технологијата се развива толку бргу што организацијата на општеството и местото на човекот постојано е на преиспитување.
Морам да те прекинам, па макар и две крилца изел помалку, не издржа комшијата. Тоа се академски објаснувања за семинари, а не за разговор меѓу комшии.
Сакаш ли да се сложам со теориите на заговор кои велат дека на декадентниот и остарен Запад сѐ повеќе му треба млада работна сила и за места кои не бараат многу знаење, нити некаква општествена свест. За да имаат таква работна сила ни предложуваат образовни системи, кои даваат такви резултати. Плус за тоа образование не даваат нити едно евро. Готов производ си земаат без пари, сега задоволен ли си од образложението, поставив одбрана?
Дел имаш право, дел немаш рече комшијата! Па и нивните образовни системи се слични, а и не ни бранат во целост да ги препишеме и спроведеме. Само тие системи се за нив, а не за нас. Ние имаме друг менталитет, друга основа и ја знаеш поговорката за свирката „Од секое дрво свирка не бива, туку само од врба и тоа во пролет“. Кој нас не тераше да го воведеме Болоњскиот систем, кога знаеме какви сме? Ние сѐ можеме да превртиме и да искривиме. Ние со бодови и тестови ќе сме полагале испити на општествените факултети. Како во вицот за покерот и чесноста, а го знаеш ли? Еее, го знаеш, а што вели таму, кога ми тргна картата до сабајлето добивав. Така и нам ни тргна Болоњскиот систем и сега добивме десетици илјади магистри, доктори на науки, а за дипломци и да не зборуваме. Со дваесет правни факултети ќе ја „исправиме“ Европа, а не неправна Македонија.
Добро е ова пивото да знаеш, реков избегнувајќи да дадам согласност за ставовите на комшијата, личејќи на постапките на нашата Влада со францускиот предлог за спорот со Бугарија.
Добро е, иако е малку горко од ова што го зборувам, ме начека на расчекор комшијата. А да направиш истражување и тоа новинарско, зошто педагошки науки завршуваа просечните ученици од гимназија од кои подоцна станаа учители и тоа на нашите деца? Додека да истражиш, да знаеш дека тоа е поради брзината на соблекувањето на опинци и побргуто облекување шпиц чевли. Од таа брзина страдаат нозете и плускавици се појавуваат.
– Сине, ти да завршиш, па да не се мачиш како мене, тоа беше со децении правец кон кој се стремевме, а дали завршувањето е исто и со знаењето, со таква ситница не се замаравме. Е после од таквите ученици и студенти некои стануваат министри, државни функционери. Секоја чест на знаењето на реториката и течното зборувања, ама изгледа тоа е сѐ што сме ги научиле. Нервозно и без да внимава на состојбата со крилцата, сѐ ми истури мојот драг комшија.
Не сум подготвен за друго пиво, зошто гледам дека повторно го поскапеле, му одговорив додека смислував излезна варијанта од дебатата. Нема невин во последиците комшија, посебно кога нѐ засегаат сите. Јас само ќе ти пренесам еден став на професорот Венко Андоновски. Тој објаснува како ги воспитуваме и учиме децата. Прво бираме кај која воспитувачка ќе го оставиме да го чува и тоа го правиме со сите врски и подврски. Потоа помагаме многу повеќе отколку што треба да заврши основно образование при тоа, бирајќи му наставници и училишта. Слаба оценка не е сигнал за поголемо внимание на таа тема, туку сигнал за потрага по врски, врскички за пишување оценка соодветна на нашите очекувања. Во средно притисокот врз професорите се зголемува, подигајќи го на семејна обврска со задолжителни резултати и со напомена дека нема да бидеш викнат на матурска, ако не помогнеш во оценките, зошто тие се услов за запишување на факултет.
Запишувањето на факултет е дигнато на ниво на операција да се биде или не, во сите општествени врски и длабочини на домашниот буџет. Слична слика е и во текот на студирањето. Секој професор е осветлен од сите страни. И каде живее и со кој е близок и сѐ што е потребно за постапка кон него. На тајните служби не им треба никаква активност, освен краток разговор со некој од родителите на студентот. Е сега настапува најдобрата поента. Кога ќе дипломира студентот се прави многу помала прослава од матурската, како сите да ја знаат тајната на дипломирањето и ја делат само во тесни кругови. Кога и тоа помине се оди гордо низ чаршија е се пцуе сѐ живо и диво за состојбата кога се има дипломиран потомок, ама оваа проклета држава не му обезбедува работно место да покаже што знае. Ако не помогне партиската книшка се бара „администраторски“ пасош и правец некоја од државите советувачи за образовните системи кај нас. Сѐ завршува каде и во суштина започнува.
Сега задоволен ли си комшија од моиве ставови?
Пак се вадиш на мислења на познати личности, иако ова е само твоја интерпретација, ама такви сте вие новинарите сѐ фрлате на туѓ грб. Ај јади од крилцата, оти јас им ја најдов мерката, па се плашам да не полетам накај дома, заврши со дијалогот комшијата.
Не се некоја голема вредност овие наши разговори почитувани читатели, ама ако не помогнат барем нема да се на штета, а тоа е засега наш највисок дострел.