„Јавна соба е кривично дело!“ и „Држава што угнетува е држава што силува!“ беше мотото на денешниот протест по повод случајот со „Јавна соба“, кој започна од Министерството за внатрешни работи, а заврши пред Јавното обвинителство.
Неодложно и темелно расчистување на случајот со Јавна Соба, соодветни казни за администраторите, но и инкриминирање на сексуалното вознемирување преку интернет во Кривичниот законик се дел од барањата.
Организаторите на маршот бараат од Јавното обвинителство темелно да го расчисти случајот „Јавна Соба“, но и соодветно да ги казни администраторите.
„Јавното обвинителство е клучна институција која има обврска да ги гони сторителите на кривичните дела од „Јавна соба“, со што ќе овозможи заштита од сексуално вознемирување и родово засновано насилство на сите жртви. Неефикасноста на оваа институција во казнувањето на сторите на родово засновано насилство ни е познато одамна, а овој заклучок само се потврди со случајот „Јавна соба“. Институцијата е неефикасна кога станува збор за сексуално вознемирување на интернет, па низ годините слушаме различни оправдувања за неказнување на сторителите. Нашите пријави за онлајн вознемирување и говор на омраза завршуваат со пријавувањето, без да добиеме каков било одговор или во најдобар случај основното и вишото јавно обвинителство да си ја префрлаат топката. „Јавна соба“ е случај на масовно и организирано сексуално вознемирување, со бројни жени жртви и бројни сторители мажи, кое трае повеќе од една година“, изјави Драгана Дрндаревска од Коалиција „Маргини“.
Таа додаде дека кога се појавил случајот со „Јавна соба“ надлежните институции убедувале дека превземаат се во согласност со законот и дека сторителите ќе бидат санкционирани, но дека и по една година тоа не се случило, со што се овозможило поддршка за сторителите, а не за жртвите.
„Сторителите не се уплашија, продолжија со сексуално вознемирување, злоупотреба на лични податоци и родово засновано насилство. Наместо да ги санкционираат сторителите, со што ќе спречат оваа група да продолжи да постои, ги повикаа повторно жртвите да пријават. Жртвите пријавуваат, а им велеа дека за фотографиите сами се виновни. Не жртвите не се виновни, виновни сте вие што не ги санкциониравте сторителите, што наместо на страна на жените, застанавте на страна на насилниците. Оттука „Јавна соба“ е само доказ дека насилството врз жените има институционална форма. Тоа се спроведува и од страна на институциите со нивниот молк“, истакна Дрндаревска.
Дрндаревска додаде дека донесените законските измени се позитивни, но задоцнети, и дека не се неопходни за да се санкционираат сторителите на „Јавна соба“ и дека според постоечкиот Кривичен законик „Јавна соба“ е кривично дело.
„Бараме конечно да сфатите дека насилството врз жените не е личен проблем на секоја жена, туку ваша обврска. Не ни требаат ветувања и уверувања, ни требаат санкционирани сторители и ни треба правда за жртвите. Бараме да си ги исполните обврските поради кои добивате плати секој месец, бараме да постапувате согласно правото, а не според лични убедувања, дополнително поттикнати од непотизам и корупција“, додаде таа.
„Санкционирајте го секој полициски службеник кој нема да постапи согласно законот, кој ќе ја обвини жртвата или уште повеќе ќе стори насилство врз жена. Бараме да им верувате на жените, а политичката волја да ја покажете со санкционирање на сторителите“, вели таа.
Aдвокатката Марта Гусар, која застапува жени жртви на насилство истакна дека „Јавна соба“ не е забава, туку кривично дело.
„Јавна соба не е забава. Јавна соба е кривично дело. Но за да им ја направиме поголема „забавата“ на овие сторители, апелирам до сите идни жртви кои ќе се соочаат со вакво вознемирување да ги сочуваат телефонските броеви и заедно со принтскрин од разговорите на апликациите да ги пријават во најблиската полициска станица“ рече Гусар, која меѓудругото во своето обраќање рече дека и таа самата била жртва на Јавна соба.
А. Петровска