Дефинирање на статусот на самохраност и почитување на судските одлуки побараа учесниците на првиот марш за поддршка на самохрани мајки, што денеска се одржа во Скопје, во организација на граѓанската организација „Една може“, објави МИА.
„Нашата борба е речиси децениска. По сите законски механизми кои ги употребивме, ни остана само ова. Излегуваме на улица во име на секоја самохрана мајка и еднородителско семејство во државата и бараме поддршка од државните институции. Игнорантноста мора да престане. Бараме дефинирање на статусот на самохраност и третман врз основа на статус, а не врз основа на неможности“, изјави Дороти Пачкова од „Една може“.
Праведни институции, дефинирање на статусот самохраност, финансиска поддршка како и бесплатна партиципација во високото образование за децата на самохраните родители, се само дел од барањата на самохраните родители кои денеска под мотото „Темата за самохраните родители не смее да биде табу тема“, излегоа на улиците на Скопје за да го изразат своето незадоволство од државните институции.
Маршот кој започна од Жена парк заврши пред Министерството за труд и социјална политика од каде дел од учесниците ги истакнаа проблемите со кои се соочуваат секојдневно.
– Секојдневно сме сведоци на барем една тажна животна приказна, на барем еден апел за помош на една тешка судбина, и додека го читам ова сите имаме кнедла во грлото затоа што барем еднаш во животот секоја една од нас се има најдено во иста или слична ситуација, и сите добро знаеме како и е на таа мајка која очајно моли за помош, порачаа од пред МТСШ.
Велат дека маршот е резултат на долгогодишното молчење од страна на државните институции.
– Решивме да го кренеме нашиот глас и јавно да ги побараме нашите права и барем на момент да им доловиме како е да се биде и мајка и татко во истовреме, верувајте не е ни најмалку лесно. Дали сте се запрашале воопшто како ние успеваме да одговориме на сите потреби на нашите деца, како успеваме со една минимална плата, а повеќето од нас и под закана од извршители да платиме сметки, да платиме кирија, да купиме храна, облека и се што е неопходно да не се почувствуават поразлични од другите дечиња. Одговорот е не, не успеваме секогаш и покрај сите откажувања од наши лични потреби сепак не успеваме, само ние знаеме колку е тешко и колку боли кога на сопственото дете ќе му речеш немам. Затоа бараме од надлежните да обезбедат финаниска помош за секој еден самохран родител, бидејќи особено сега кога се соочуваме со големи покачувања на цените на произвоите со една плата не може да се прерхани едно семејство, а камоли да се преживее месецот, изјави една од учесничките на маршот.
Станиша Станковиќ кое е дете на самохран родител побара бесплатна партиципација во високото образование.
-После толку години од основањето на државата ние зборуваме за еднородителско семејство, како дете од самохрано семејство и како член на „Една може“ бараме државата да обезбеди бесплатна партиципација во високото образование. Воедно бараме покачување и на стипндиите за самохрани и еднородителски семејства со цел безгрижно и со сигурна иднина да учиме и да создаваме во нашата држава, и да се дефинира кое е дете од самохрано, а кое од еднородителско семејство, овие барања ќе ни овозможат да зборуваме за можности и за заштитени права, заклучи Станковиќ.
Маршот се одржа во организација на „Една може!“.
Прочитајте и: