Во близина на граничниот премин Казбеги на Грузија со Русија, вчера се одржа протест против напливот на голем број Руси кои бегаат во кавкаската земја со цел да ја избегнат нпрогласената „делумна“ мобилизација во својата земја.
Демонстрантите во близина на граничниот премин Казбеги вееја украински и грузиски знамиња и носеа транспаренти на кои можеше да се прочита „Путин е терорист“, „Русија убива“.
Според грузиските власти, бројот на пристигнувања од Русија е речиси двојно зголемен во последните денови, достигнувајќи околу 10.000 дневно на овој граничен премин бележи нагло зголемување откако рускиот претседател Владимир Путин минатата недела објави „делумна“ мобилизација
Во отсуство на опипливи и веродостојни информации од владините агенции, просторот за вести беше исполнет со социјални медиуми и, сè повеќе, со извештаи на новинари од контролниот пункт. Снимките од дрон покажаа илјадници возила, кои прават редица од 13-19 километри, собрани на руската страна од границата. Претставник на Северна Осетија прв го процени сообраќајот, според информациите објавени на 26 септември, дека од најавата за мобилизација, околу 115.000 луѓе и повеќе од 37.000 возила транзитирале преку контролниот пункт во двата правци.
Напливот бегалци, првиот регистриран од почетокот на инвазијата кон крајот на февруари, предизвикува тензија во грузиското општество, кое војуваше против Русија во 2008 година.
Денешниот протест, на кој беше интонирана украинската химна, го организираше прозападната опозициска политичка партија „Дроа“.
– Ова неконтролирано и невидено доаѓање на Русите создава проблеми за безбедноста на Грузија, рече Тамарa Гвинианиѕе, која е меѓу организаторите на протестот. – Границата мора веднаш да се затвори бидејќи владата покажа дека не е во состојба да се справи со оваа миграциска криза, додаде таа, најавувајќи дека во наредните денови ќе се одржи уште еден протест.
Како што пренесува грузискиот портал Civil.ge, oпозициската партија „Стратегија Агмашенебели“ на 25 септември започна петиција со која се повикува на забрана за влез на руски државјани во Грузија „земајќи ги предвид примерите на други земји како Литванија, Латвија и Естонија“. Според петицијата, забраната нема да важи за руските државјани со грузиско потекло или за грузиските граѓани.
Партијата ги наведе националните интереси на Грузија и таканаречената политика на Русија за оправдување на инвазијата на други земји под изговор за заштита на руските граѓани и говорителите на руски јазик како доволна причина за забраната.
Преку границата, властите во руската област Северна Осетија најавија ограничувања за влез на возила од други региони на Русија, мерка која има за цел да го спречи приливот на патници во соседната земја.
Откако минатата недела беше најавена мобилизација, десетици илјади Руси заминаа во соседните земји. Казахстан, Монголија, Ерменија и Финска, исто така, забележаа значителен пораст на пристигнувања од Русија.
М.Д.