Од 3 до 5 ноември во кино „Култура“ ќе се одржи првиот Истражувачки филмски фестивал, во организација на новоформираната Платформа за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, во партнерство со Фондацијата „Фридрих Еберт“ од Скопје.
„Како прв ваков фестивал во регионот, ИФФС обединува локални, регионални и светски теми поврзани со новинарските предизвици и потфати. Тридневната фестивалска програма вклучува прикажување документарни филмови, работилници, дискусии и дебати со гости од Македонија, регионот и од светот, Отворањето на првото фестивалско издание е посветено на укажувачите, храбрите поединци кои обелоденуваат информации во име на општото добро“, вели организаторот.
ИФФС е фестивал посветен на истражувачкото новинарсто, но отвора и прашања што ќе ги заинтересираат и оние кои не се дел од медиумите.
„Филмовите што се дел од фестивалската програма ја отсликуваат врската на новинарската работа со секој сегмент од општеството, па преку нив публиката ќе може да открие повеќе за приватизацијата во Хрватска („Газда“), затајувањето данок во Велика Британија („Пајаковата мрежа; Второто кралство на Велика Британија“), криволовот на птици во Србија („Рамнина без птици?“), проблемот со загадувањето („Црни бели дробови“ и „Загадување: Скопје го стигна Пекинг“), како и опстанокот на печатените медиуми во дигиталниот свет („Новинарство по ново, новинарство по старо“)“, соопшти ПИНА.
По прикажувањето на филмот „Да се биде укажувач“ (Being a Whistleblower) на францускиот новинар и режисер Беноа Бринже, публиката на отворањето на 3 ноември ќе има можност да ја проследи и дискусијата на тема „Укажувачи: „тајни“ играчи кои може да ја променат историјата“