од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Убаво е што вчера се обедини политичката десница за „обнова на Македонија“. Ама во што се обединува? За што се обединува? Кон што се обединува? Околу што го прави тоа?
Збирот таканаречени десни конзервативни, освен што најавија поддршка на матичната партија во нејзината предизборна кампања насловена како „Обнова за Македонија“, ништо друго не соопштија. Ниту тие ниту пак досега партијата матица.
А секако сакаат доверба. Посебно од гласачи од редот на партиски и идеолошки неопределените. Затоа уште веднаш сите заедно на чело со водството на ВМРО-ДПМНЕ треба да соопштат за што, околу што, кон што се обединуваат? И, посебно, за каква „обновена“ Македонија го прават тоа?
За онаа криминалната антиквизациска, тендерска, клиентелистичка и коруптивна ли? За онаа ли Македонија прекриена со медиумски мрак? За онаа ли Македонија со деценија најлошите извештаи на Европската комисија од постоењето на самостојната и суверена Македонија? За онаа пред преспанската меѓународно блокорана Македонија ли или за оваа сегашнава рекетарска Македонија?
Или пак за онаа историски наназад. За левичарската Делчева или за онаа десничарската Александрова? Или за онаа фашизоидна Ванчомихајлова или за романтичарската Чентова или за онаа митската на Александар и на дедому Аминта?
И повторно, која Македонија сака да ја преслече и да ја поднашминка актуелната македонска десница?
Оваа пост преспанска интеграциски забрефтана или онаа наместо Македонија со информатика, Македонија со веронаука во училиштата. Или онаа Македонија со забранет абортусот и онаа Македонија во која владиците пафтаат со кандилата врз камен темелниците на секуларните државни објекти.
Или пак македонската идеолошка десница ветува и ќе работи не за обнова, туку за современа, цивилизирана, еколошки и технолошки европски интегрирана Северна Македонија?
Ги има ли таа воопшто објаснувањата од сопствените прокламации за тоа: за каква Македонија е?
Па, прво одговорите – гласовите дури потоа.