Во настап пред медиумите кој ги демантира претходните оправдувања на Кремљ, рускиот претседател Владимир Путин конечно призна дека вистинската причина за инвазијата на Украина не биле воените закани, туку нејзините европски амбиции. Оваа изјава дојде по Парадата на победата на 9 мај 2026 година, која годинава беше значително скратена и се одржа без вообичаеното тешко вооружување.
„Сè започна со обидот на Украина да се приклучи на Европската унија,“ изјави Путин за време на прес-конференцијата, со што практично ги отфрли сопствените долгогодишни наративи. Со ова, досегашните изговори за „ослободување“, „заштита на Донбас“, „одбрана на рускиот јазик“, „борба против НАТО“ или „денацификација“ паднаа во вода, откривајќи ги империјалните амбиции како вистински двигател на конфликтот.
Крај на „специјалната операција“ на повидок?
Зборувајќи за војната, која сега ја опишува како борба против „агресивна сила“ поддржана од целиот НАТО блок, Путин изненади со тврдењето дека конфликтот е „при крај“. Иако ги обвини западните „глобалистички елити“ за ескалацијата, тој изрази подготвеност за преговори за нов безбедносен аранжман во Европа, па дури и за средба со претседателот Зеленски во трета земја, под услов претходно да се постигнат дефинитивни договори.
View this post on Instagram
Предупредување за Ерменија преку „украинското сценарио“
Признанието на Путин носи застрашувачка порака и за другите соседи, особено за Ерменија. Коментирајќи ги аспирациите на Ереван за членство во ЕУ, тој директно ги поврза со почетокот на војната во Украина.
„Ние сега го доживуваме сето она што се случува на украинскиот правец. А каде започна сè? Со обидите на Украина да се приклучи на ЕУ,“ предупреди Путин, сугерирајќи дека патот кон Европа води до конфликт и „цивилизиран развод“ од руските економски структури.
Империјална реалност
За меѓународната јавност, ова е најјасното признание досега: инвазијата не беше изнудена одбранбена мерка, туку обид за зачувување на империјата и казнување на секоја суверена држава која ќе се осмели да избере европска иднина наместо „рускиот свет“.
Џ. Дерала











































