Формирана е работна група од Владата за ревидирање на доскрециските овластувања на функционерите во насока да се донесе пакет на измени на закони со кои дискрециските права ќе се елиминираат или ограничат секаде каде што се непотребни. Групата веќе доставила до вицепремиеерот за борба со корупција и криминал Љупчо Николовски неколку предлог-измени на соодветни закони.
Ова го соопшти вицепремиерот Николовски на отчетот за 100 дена од новиот мандат на Владата, посочувајќи дека конкретна иницијатива во врска со дискрециските права не е преземена од 2005 година.
Во одговор на новинарско прашање рече дека не се работи за паралелизам со работата на Антикорупциската комисија која прави сличен проект и додаде дека за оваа цел се консултирале и со оваа комисија.
-Ова е еден дополнителен напор многу побргу да испорачаме соодветен документ. Точно е дека се прави одреден проект преку вклученост на Државната комисија за спречување на корупцијата. Меѓутоа, тоа е изработка на методологија и не го опфаќа делот на анализа во кои закони и на кои места е предвидено и каде може, на пример, да ги ограничиме или елиминираме дискрециските права, таму каде што е непотребно. Секако дека не станува збор за укинување, тоа не е можно. Ги имавме предвид сите околности, разговаравме со сите и мислам дека не е на одмет во еден краток период токму Владата сама да излезе и по десетина години напори конкретно да предложиме измени во соодветни закони за да се ограничат или елиминираат одредени дискрециски права на функцио9нерите, рече Николовски.
Вицепремиерот во отчетот наведе дека се работи на подзаконски акти со кои ќе се ограничат трошоците за репрезентација и ќе се воведат еднакви правила за употреба на службени картички од страна на функционерите./МИА