Албанскиот премиер Еди Рама вчера на мировниот форум во Париз изјави дека Западен Балкан во многу тешки времиња е обединет и дистанциран од војните.
Домаќин на Форумот беше францускиот претседател Емануел Макрон.
Објаснувајќи зошто Западен Балкан е обединет, Рама истакна дека балканските држави исто гласале во Обединетите нации кога станува збор за осуда на руската агресија врз Украина и заштита на нејзиниот територијален интегритет.
Тој се осврна и на однесувањето на Европската унија за време на пандемијата на Ковид-19.
Тие се однесуваа како федерација на богати егоисти, бидејќи не ги споделуваа вакцините со другите на кои им беа потребни. Без Кина, Турција и Русија, немаше да ја преживееме пандемијата, додаде Рама.
Албанскиот премиер нагласи дека ЕУ е загрижена за кинеското, руското и турското влијание на Балканот, но и дека овие три земји се единствените кои му се приближиле на регионот со вакцините.