Триесет и едногодишен маж од Скопје (Д.Б.) е повреден во синоќешната престрелка во скопски Чаир. Тој, како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), вчеравечер пред 22 часот бил пренесен во Градската општа болница „Наум Охридски“ откако се здобил со повреда од огнено оружје.
МВР презема мерки за расчистување на случајот.
Повикувајќи се на извори во МВР, „Фокус“ вчера објави дека по синоќешното пукање е приведено едно лице.
Од СДСМ велат безбедносната состојба станува алармантно лоша. Сигурноста на граѓаните е во постојан ризик поради честите пукања и криминални пресметки.
„Неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува криминалците и ја претвора Македонија во Див Запад. Нема разрешници на најтешките кривични дела откако Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ раководат со МВР, пет убиства останаа неразрешени и ова ги охрабрува пиштолџиите и бандитите.
ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски покажуваат неспособност и некадарност. Се поставува прашањето дали воопшто сакаат да го сопрат овој тренд во кој картелите ги владеат улиците а граѓаните живеат во страв“, велат од СДСМ.












