Откако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ соопштија дека се откажуваат од дебатата, велејќи дека е јалова, како и дека ќе гласаат против уставните измени, претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека расправата ќе продолжи во петок.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пак, ги повикаа пратениците од владеачкото мнозинство да се откажат од настапите и да се пристапи кон гласање на владиниот предлог за измени на Уставот.
На вчерашната седница на која зборуваа само пратениците од коалицијата на власт, се повтори ставот дека сега е време сите што декларативно се залагаат за НАТО и ЕУ да дадат конкретна поддршка на уставните измени.
„Единствен интерес треба да биде државата. Ако продолжиме да се докажуваме кој е поголем патриот, а кој предавник, исходот ќе биде пораз. Наша обврска е како пратеници да го изодиме патот на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет, а тоа е патот преку ЕУ и НАТО. Да бидеме лидери на промените чиј бенефит граѓаните ќе го почувствуваат за кратко време“, истакнаа пратениците од СДСМ.
Според нив, замајување на јавноста е дека со Преспанскиот договор се брише името на Македонија и дека придавката „северна“ задира во идентитетот.
„Соочени сме носење мноу важна, тешка, единствена, историска одлука за иднината на Македонија што ќе значи крај, затворање, решавање на доглогодишен апсурден спор со нашиот јужен сосед. Проблемот е реалност, а ние сме дожни како полчитичари да се соочиме со него. Време е да престанеме да фантазираме за победи и порази, за триумфи и катастрофи, време е да преземеме одлучен чекор за иднината на Македонија“, беше речено на попладневното продолжение на седницата.
Поддршка за уставните измени даде и Неџбедин Карамани од името на Движењето Беса на Африм Гаши.
Собранието утре, како што рече Џафери, ќе ја продолжи 60. седница.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера одговори на писмото на Вес Мичел во кое напиша дека Договорот е неприфатлив за партијата. СДСМ, пак, излезе со соопштение во кое се вели дека доколку Мицкоски не престане да го блокира процесот во наредните денови ќе распишат предвремени избори.
К. С.