ВОЈО МАНЕВСКИ
Имаме ли право да смислиме некој термин за подобро да го објасниме поимот што сакаме да го опишеме? Сѐ што е во полза на општествениот напредок е дозволена активност, барем така јас размислувам во овие есенски денови пред несаканата зима која ни доаѓа.
Не дека немаме како да ги крстиме процесите со постоечките имиња, ама не е на одмет да се биде креативен. Шегата на страна ,изгледа дека како граѓани, па и како народ сме пред искушенија кои не се честа појава. До душа кога се сетам низ што се поминавме во последните половина век тешко дека нешто според тежината на дилемата ќе нѐ изненади, ама изгледа овој пат нема да е лесно. Но сепак, пред нас е дилемата како пред Александар кога се нашол пред Гордиевиот јазол, како да се разврзи неразврзливото? Тој одбрал радикален начин, според преданијата, а јас сепак мислам дека некако се снашол со јаремот и колата без да го разврзе јазолот. Заклучокот го извлекувам според реакциите и според менталитетот на денешните наследници на истото име, без разлика кој и колку си го присвојува. Е сега потврдата на наследството е во наоѓањето излез и пред денешните Гордиеви јазли. Ќе се сече ли јазолот или ќе се најде некој друг начин со манипулација на јаремот и жезолот?
На економски план изгледа ќе ги напуштиме либералистичките теории и модели кои оставаа се да разреши пазарот и конкуренцијата. Ако не се помогне со прифатлива цена на енергија за стопанството на пролет и ќе нема ни потреба да чекаме пазарна саморегулација на односите зошто и ќе нема што да се регулира. Едноставен е одговорот. Нашата економија не може да го издржи тој товар со прескапи енергенси. Досегашните навики на филозофија „ден за ден“ завршија. Евтини кредити на Светската берза нема. Погледнете ја стапката на Либор каматите за последните месеци и сѐ ќе ви биде јасно. Овде економската наука ја потврдува својата карактеристика како применета математика.
Кој ќе ја плати разликата во цените на енергијата на берзата и домашната цена, кога немаме доволно домашно производство? Нема кој друг освен граѓаните преку измена на даночниот систем. Нема да има сечење на јазолот со меч, но постепено извлекување од јаремот ќе има. Овде е потребна поголема транспарентност на Владата при донесување на вакви одлуки, но и многу поголема одговорност зошто со мала доверба во институциите ова може да е фатален удар врз опстанокот на државата. Банките, кои досега беа штитени како резервен доверител на државата, сега мора да си ја одиграат својата општествена улога. Ништо нема да ги спаси нивните пласмани ако пропадне реалниот сектор. Овој пат нема да можат да ги продаваат фабриките по багателни цени како во деведесеттите години колку да ги покријат шпекулативните главници на кредитите.
Причината е светската криза и немањето на заинтересирани купувачи. Кому ќе му требаат капацитети во кои нема кој да работи. Секој четврт млад човек од Македонија е веќе надвор од државата. Знам дека има сто теории дека банките се крвотокот на економијата и слични други реклами, но движењата на светската економија се менуваат на неделна основа. Она што се сметаше за забранета област на делување и поставување на рамки определувајќи ја националната економија, сега е веќе владина програма на некои европски држави. И не ѐ само Унгарија со такви програми, нешто слично изјави и Словачката влада, а нема да биде долго кога и новата десничарска влада на Италија ќе излезе со таква програма во која ќе се вратат мерките на државна заштита на економијата. Некои од таквите мерки досега беа привилегија на големите сили уште од финансиската криза од 2008 година, а ги видовме и за време на пандемијата посебно во 2020 година. Дел од тие трошења сега ги плаќаме сите но правилата на светската сцена се такви.
Значи, ни е потребен државен план во кој ќе бидат вклучени и банките. Конечно да ја видиме и таа нивна фалена стабилна ликвидност. Постојат инструменти на евтини кредити со државна гаранција за загрозените стопански капацитети. Има и низа други даночни и фискални мерки што можат да помогнат. Ако тоа не се случи, тогаш потврдите за олигархиското раководење со државните интереси никој нема да може да ги одрече. Последиците ќе бидат, веројатно не секој четврт, туку секој втор млад граѓанин да е надвор од државата. На секој директор на банка да му е на ум приказната за жабата и скорпијата.
„Жабата дошла пред реката и се подготвувала да ја помине, скорпијата не умее да плива, па ја молела жабата да ја пренесе на грбот преку реката. Ќе те пренесам, ама се плашам дека ќе ме боцнеш со отровната шилка и ќе потонам заедно со тебе. Не се секирај јас нема да го сторам тоа, рекла скорпијата. На средината на реката скорпијата водена од својот убиствен инстинкт ја боцнала жабата. И сега што направи, исплашено рекла жабата? Што да ти кажам рекла скорпијата против стравот се изборив, ама со својата природа на убиец не можев“.
Понатамошната споредба со нашата состојба и улогата на банките во неа ќе ви ја оставам Вам почитувани читатели. Јазолот што се правеше последните триесет година на политичката сцена на Македонија веќе е неразјазлив. Кој, со кого и зошто, па до каде и по која цена е секојдневен производ на неговата заплетканост. Овде манипулациите со јаремот и жеголот нема да помогнат. Изгледа дека е потребна постапка како на Александар. И овде причината е недостаток на кадри. Добар дел од граѓаните не сака да се занимава со партиска работа, а можеби и причината за брзото отселување може да ја побараме и во неподготвеноста да ја доживуваме заедницата како општо добро кое ни служи на сите. Затоа е полесно да се живее во туѓа држава каде не си оптоварен со општествена грижа, туку живееш според реалити шоу изреката: посо куќа, куќа посо. И онака државата е туѓа и за неа нека се грижат домашните народи и граѓани.
Така имаме заплеткан јазол од постари партијци кои сметаат дека не им е пружен доволен дел од колачот на партијата или државната власт, а сметаат и дека сега токму се најкомпетентни за одговорни функции место кога тоа го правеле, ама немале искуство или биле млади за таква одговорност. Меѓутоа местата ги зазеле некои други клинци што едвај ја дочекале приликата и сега со пис јазик оформен низ партиските помошни тела беспоштедно се борат за својата положба. Велат аналитичарите дека биле безидејни и без идеолошка фундираност. Хе, хе, па господа токму борбата за власт им е идеологијата, а за идеите треба да се прашаат оние што помогнаа да се стекната со разни факултетски дипломи и научни звања. Освежување било да се види Пенов во новиот состав на Владата.
Ако е така тогаш нешто не е во ред со сите нас. Се заплетка јазолот и сега нема како да се впрегнат воловите да ја повлечат колата. Есенва што веќе постепено доаѓа ќе биде тој процес на разјазолување на состојбите, со меч или со извлекување на жезолот но нешто ќе се случи. Ако светските моќници не се погрижат да ни испратат енергија во една тура, па да нѐ загрее и осветли еднаш засекогаш, тогаш сами ќе си разврзуваме што заплеткавме и на економски и на политички план. А за војната со која нѐ плашат јас ќе постапам како Бреговиќ во песната – чири били бела Маре мори… Врата затворити, спустите завесе, остат ќемо куќи и…