ВЕСТ НА ДЕНОТ: ОКОЛУ 50 ФУНКЦИОНЕРИ, ДИРЕКТОРИ И РАКОВОДИТЕЛИ НА ЛИСТАТА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ
Премиерот Зоран Заев ги соопшти имињата на високите функионери кои ќе ги предложи за разрешување на денешната владина седница, а меѓу нив се директорите на МЕПСО, ЕСМ и Македонија пат. На денешната прес-конференција во Владата, тој кажа дека од денеска почнува постапка за разрешување на директори, раководители и членови на надзорни и управни одбори во државните институции и именување на нови луѓе на функциите.
Меѓу нив се директорите на МЕПСО и ЕЛЕМ, Сашо Василевски и Драган Миновски, директорот на Државниот архив, Кирил Петров, директорот на Агенцијата за лекови Ќахил Ибраими, директорката на Драмски театар, Викторија Рангелова, Вулнет Адеми директор на Агенција за странски инвестиции, директорот на Македонија пат, Гајур Кадриу, директорот на Здравствен дом Скопје, Злате Мемедовиќ.
ЛИДЕРСКА СРЕДБА ЌЕ ИМА МАКАР И БЕЗ МИЦКОСКИ
Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција во Владата повторно го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да дојде на лидерската средба в петок, истакнувајќи дека таа ќе се одржи без разлика на неговото учество и оти е негова одговорност дали ќе се појави на средбата.
„Јас сум подготвен за се да разговарам вклучувајќи го она што Мицкоски сака да го нотира. Правам уште еднаш обид, ред е да се појавиме таму. Не мора да се договориме за сите прашања но треба да разговараме. Тоа е наша обврска“, рече Заев.
ВАНХАУТЕ: НАМЕСТО ДА ГАРАНТИРААТ ПРАВДА, ПОЛИТИЧАРИТЕ ОД СИТЕ ПАРТИИ ПРОДОЛЖИЈА СО СВОИТЕ ЛИЧНИ БОРБИ
„Читајќи за тоа што се случува со Канцеларијата на Специјалниото обвинителство во Северна Македонија, можам само да заклучам дека владеењето на правото повторно се спушта со голема брзина надолу. Што и да се случило во Канцеларијата на Специјалниот обвинител, важно е да се спречат сите шпекулации и да се дозволи редовното обвинителство да ја врши својата работа. Во случај да постои злоупотреба на моќ, луѓето кои се вклучени во тоа треба да бидат осудени. Но, запрете со гласините!“, напиша Ванхауте.
ЗАЕВ: НЕ СУМ СЕ СЛУШНАЛ СО ЈАНЕВА ПРЕД ДА Ѝ БИДЕ ОДЗЕМЕН ТЕЛЕФОНОТ
Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања изјави дека тој не се слушнал телефонски со Катица Јанева, пред да и биде конфисуван мобилниот телефон, како што се шпекулираше во јавноста.
КРЖАЛОВСКИ: НОВАТА ВЛАСТ ВО ГРЦИЈА Е ТЕСТ ЗА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР
„Формирање на новата власт во Грција ќе биде прв тест за договорот од Преспа, бидејќи знаеме дека таму Нова Демократија беше противник, како што тука ВМРО-ДПМНЕ беше противник на Договорот. Добро е што прво кај нив се случи промената за да видиме како тие ќе се однесуваат кон Договорот“, изјави Александар Кржаловски во интервју за ЦИВИЛ Медиа.
М. Ивановска