На граѓаните им е доста од градоначалници кои забораваат зошто се избрани веднаш штом ќе седнат на функција. Затоа, потребен им градоначалник кој ќе биде вистински сервис на народот – не актер, не партиски послушник, туку човек со етика, визија и чувство за одговорност, велат граѓаните на прашањето на ЦИВИЛ – Каков градоначалник ѝ е потребен на вашата општина?
Граѓаните сакаат лидер кој не краде, не лаже и не доаѓа од таканаречената “елита”, туку некој кој ги знае реалните проблеми – не од кабинет, туку од улица. Потребен е некој кој не гледа на функцијата како личен профит, туку како можност да остави позитивна трага.
Граѓаните потенцираат дека градоначалникот мора да биде избран со доверба, но и со механизми за отчетност – ако таа доверба се изневери, граѓаните треба да имаат можност да го повикаат на одговорност или дури и да го отповикаат. Треба да се грижи еднакво за градот и селата – да бидат чисти, уредени и функционални. Да вложува во јавниот простор, да се справи со нехигиената, особено околу контејнерите, и да работи на развојот на општинската инфраструктура.
„Очекуваме градоначалник кој нема да продава државни и општински парцели во корист на своето богатство, туку ќе ги штити како општо добро. Нѐ води желба за некој што ќе отвори фабрики, ќе привлече инвестиции и ќе им даде надеж на младите дека може да имаат иднина дома – а не само авионска карта за надвор“, велат граѓаните.
Додаваат дека на нивната општина ѝ треба градоначалник кој нема фалсификувани дипломи, туку реална способност и интегритет. Независен, но и со силна поддршка од заедницата. Психички стабилен, комуницира со народот, но не се меша таму каде што не му е место.
Луѓето се уморни од измами и ветувања. Затоа, го бараат (не)возможното – чесен, храбар, одговорен и нормален човек кој нема да ги потценува, туку ќе им служи.
Д.М.
Фото: ВИ