Јавните препукувања меѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги разбудија реакциите на јавноста. Од разочараност до иронија, коментарите на граѓаните по социјалните мрежи покажуваат едно: довербата во политичката елита е сериозно разнишана.
„Мапет шоу“, „Театар за мали деца“, „Орални предигри кои завршуваат со добар секс“ – ова не се наслови од кабаре, туку саркастични коментари на граѓани кои не гледаат ништо конструктивно во меѓусебните напади меѓу двајцата политички актери.
Еден од најчестите ставови е дека целата караница е обична политичка претстава без суштина. „Во правна држава ќе се караат на суд, а не вака – преку медиуми и соопштенија“, вели еден од коментаторите. Друг пак додава: „Камо сите градоначалници да се борат против градежната мафија, ама не им одговара – ќе си лапнат некој стан, некое евро…“
За некои, караницата почнала откако „Данела ги фати со рацете во медот“ и решила да не игра според сценариото на Мицкоски. Ова отвора прашања за тоа колку е независна локалната власт и дали навистина постои волја за реформи, или пак сè се сведува на лични интереси.
Други, пак, посочуваат дека и самата Арсовска има вина, критикувајќи ја дека реагира дури пред избори, кога најмногу ѝ треба поддршка од јавноста. „Сите гледаат само личен интерес, никој не мисли на последиците“, гласи еден од поконструктивните, но и најразочарани коментари.
Има и такви кои не штедат на зборови: „Недостојност и неспособност за извршување на функциите за кои се избрани!“ – став што многу граѓани го повторуваат во различни форми.
Иако на површина изгледа како обична политичка расправија, реакциите на граѓаните откриваат длабока фрустрација – не само кон Арсовска и Мицкоски, туку и кон целиот политички систем кој со години, според нив, не ги решава вистинските проблеми: урбанистички хаос, загаден воздух, узурпирани јавни простори, и општа нефункционалност на институциите.
Крајниот заклучок на јавноста? „Да ја спуштат топката и да работат на тоа за што се платени.“ Или барем, конечно да почнат да работат за граѓаните, а не за партиските интереси.
За сите коментари погледнете го оригиналниот фејсбук пост на ЦИВИЛ.
А.М.