По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека „сите реформи се спроведени“, следуваа бројни реакции на социјалните мрежи, особено под објавата на ЦИВИЛ на ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Мицкоски тврди дека сите реформи се спроведени. Што мислите вие? Граѓаните во коментарите изразуваат револт, недоверба и разочараност од состојбите во државата, оценувајќи дека реалноста е далеку од реформска.
„Какви реформи луѓе? Не опљачкаа, не одраа, а тие тоа го нарекуваат реформи“, гласи еден од коментарите, во кој се посочува на растечките животни трошоци, стагнацијата на минималната плата и сиромаштијата.
Други граѓани сметаат дека државата е длабоко партизирана и дека институциите се ставени под контрола на власта.
„Кога имало реформи со ВМРО-ДПМНЕ? Тие што нѐ водат си ги полнат џебовите, а народот е сѐ посиромашен“, стои во една од реакциите.
Посебно незадоволство има и за состојбата во правосудството. Дел од коментаторите потенцираат дека токму таму нема суштински промени.
„Сѐ уште судството е на 2.5%, а најголемите лопови глумат бизнисмени со парите на граѓаните“, реагира еден граѓанин.
Во реакциите се споменуваат и дивоградбите, корупцијата, партиските вработувања, тендерите и, како што велат граѓаните, „митото во сите институции“.
„Ништо не е спроведено, само фалби и лични интереси, тендери, мито и корупција“, наведува друг коментар.
Дел од граѓаните реагираат и со сарказам кон тврдењата дека реформите се завршени.
„Да да, останува уште да влеземе во ЕУ. Всушност, зошто ни е ЕУ кога веќе сме реформирани? Економијата ни е супер, здравството топ, судството исто така…“, стои во една од реакциите.
Имаше и остри критики за власта и обвинувања за клиентелизам и злоупотреба на јавните ресурси.
„Најбрза реформа беше што си ги поделија и присвоија парите од унгарскиот кредит“, пишува во еден од коментарите.
Меѓу бројните реакции, дел од коментаторите сметаат дека политичарите со децении не ја зборуваат вистината.
„Од 1991 година до денес, кој политичар кажал вистина? Сите се исти“, гласи еден од коментарите.
Б. Ј.












