Со одлуката на вчерашното заседание на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија се призна македонската православна црква за канонска и валидна во сеправославниот свет, и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.
Во официјалното соопштение од Канцеларијата на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија меѓу другото се вели:
„Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денес, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново:
Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт.
По канонското признавање на Охридската архепископија се отвора пат за признавање на автокефалност на МПЦ. Оваа одлука од страна на Мајката Црква, првопрестолната Вселенската Патријаршија ѝ стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.
Премиерот Димитар Ковачевски упати благодарност до вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј за признавањето на Охридската Архиепископија за канонска.
– Иако со овој чин конечниот статус и име сѐ уште не се решени, најважниот и најголем чекор е завршен. Сега нашата православна црква е во заедница со сите православни цркви, и овој ден е историски ден после седум децении тотална изолација. Денеска со одлуката на Вселенската Патријаршија, ние влегуваме во православното семејство на сите помесни цркви. И оваа одлука на вселенската патријаршија што не признава под име Орхидска Архиепископија значи признавање на континуитетот што го има нашата историска црква со древната Охридска Архиепископија, напиша Ковачевски на „Фејсбук“.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на сите православни христијани им ја честиташе одлуката на Вселенската Патријаршија да ја признае Охридската Архиепископија за канонска.
-Драго ми е што по две години, трудот на Сесветиот Вартоломеј вроди со плод и по цели 70 години меѓународна изолација, со одлуката на денешното заседание на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија – Охридската Архиепископија возобновена во Македонската православна црква е признаена и прифатена во канонско единство со севкупната православна Црква, пишува на својот фејсбук-профил Спасовски.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на својот Фејсбук профил го честита признавањето на МПЦ-Охридска архиепископија од страна на Вселенската Патријаршија и се заблагодари на истрајноста, вербата и надежта на ветиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, на свештенството, монаштвото, и верниот народ.
Со денешното исконско признавање од страна на Вселенската Патријаршија, наведува Маричиќ, МПЦ – Охридска архиепископија станува неискоренлив дел во евхаристиското општење со својата јерархија, клирот и народот, под пазувите на единството на Православието. Воедно, со овој историски чин конечно се исправа долгата неправда врз МПЦ – ОА и македонскиот народ.
Со експресна реакција се јави Руската православна црква , дека таа ги признава ексклузивните канонски права на Српската православна црква (СПЦ) во Северна Македонија.
„Руската православна црква ги признава исклучителните канонски права на СПЦ во Северна Македонија. Ставот на РПЦ, пред се ќе го земе предвид пристапот на тој проблем на Српската црква, на која и натаму и ги признаваме исклучителните канонски права во Северна Македонија“, изјави секретарот на Одделението за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, протоереј Игор Јакимчук.
Вселенската патријаршија ја призна независноста на Украинската православна црква во 2019 година, додека Русија не ја признава нејзината автокефалност
Со оваа одлука, МПЦ со Вселенската Патријаршија не се повеќе во шизма и раскол со севкупната православната Црква и македонските свештеници можат да сослужуваат со свештениците од другите православни цркви. За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.