Додека тензиите меѓу Израел и Иран растат, а војната во Газа и натаму зема жртви, јавноста кај нас не останува немa. На прашањето на ЦИВИЛ што мислат граѓаните за конфликтот меѓу Израел и Иран?, коментараа десетици граѓани кои имаат силни, често спротивставени ставови за тоа што се случува на Блискиот Исток – и што значи тоа за светот, но и за нас.
Еден од коментарите ја споредува ситуацијата со конфликт од Балканот:
„Целиот Израел со Газа е голем колку Словенија. Замислете ако некој од Босна со години ракетира. Дали тогаш би ја поддржале Хрватска да се брани? Израел само тоа го прави – се брани.“
Други, пак, ја потенцираат агресивната улога на Израел:
„Израел врши тероризам со децении. Сега кога Иран возвраќа, одеднаш глумат жртви.“
Коментарите често се полни со емоции, навреди и генерализации. Некои се насочени кон „глупоста на народот“ што „не гледа дека Иран стои зад сè“, додека други директно напаѓаат со омаловажувачки и религиозни ставови:
„Господ ќе им врати. Проколнат народ се тие.“
Во еден од коментарите се вели:
„Ова не е само војна. Ова е борба меѓу мулите и Западната цивилизација. Ако падне Израел – паѓа и Западот.“
Се споменуваат и теории на заговор:
„САД, Израел, Иран – сите играат улога. Сценарио за нафта, оружје и глобални интереси. Страдаат сиромашните, профитираат моќните.“
Меѓу негативните и агресивни ставови, има и пораки за мир и човечност:
„Нема добра и лоша страна. Има само луѓе кои страдаат. Промената мора да почне од нас самите.“
Постои и група на луѓе кои се критични кон двете страни, сметајќи дека Израел и Иран се подеднакво опасни:
„И двете страни имаат темни идеологии. Повеќе загуби треба да има Израел, поради сè што направија во Газа – да научат лекција.“
Јавното мислење како огледало
Овие ставови се повеќе од коментари – тие се огледало на поделеноста, поларизацијата и (не)разбирањето на глобалните конфликти. Во отсуство на стабилна и информирана дебата, јавноста се поларизира меѓу национализам, религиозен фанатизам, антисистемски теории и ретки гласови на разум.
Д.М.