По објавата на лондонски „Тајмс“ дека Финска и Шведска најверојатно ќе се приклучат на НАТО, и тоа уште ова лето, официјална Москва излезе со негативни реакции по ова прашање.
Лондонскиот „Тајмс“ повикувајќи се на свои извори, објави дека прво Финска би можела да поднесе барање за членство во јуни, а потоа и Шведска
Според официјални лица, Русија направила „голем стратешки гаф“ бидејќи Финска и Шведска изгледаат спремни да се приклучат на НАТО уште во текот на летото.
Американски официјални лица рекоа дека членството во НАТО за двете нордиски земји било „тема на разговор и повеќекратни сесии“ за време на разговорите меѓу министрите за надворешни работи на алијансата минатата недела, на кои присуствуваа Шведска и Финска. „Како може ова да биде ништо друго освен огромен стратешки грешка за Путин?“, рече еден висок американски функционер.
Апликацијата на Финска се очекува во јуни, по што се очекува набрзо да следи Шведска.
Евентуалниот прием на Шведска и Финска во НАТО, нема да ѝ донесе стабилност на Европа, соопшти денеска Кремљ.
– Во повеќе наврати рековме дека северноатлантската Алијанса останува оружје насочено кон конфронтација и дека нејзиното натамошно ширење нема да му донесе стабилност на европскиот континент, одговори портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на новинарско прашање за можниот влез на Шведска и на Финска во НАТО.
Д.Мишев