„ИРЛ не е медиум и може да се соочи со забрана за работа“, ова се парафразирани цитати во дел од писменото образложение на пресудата на судијката Јованка Спировска Панева, која одлучуваше во случајот „Фероинвест против ИРЛ“. Пресудата за сторијата „Заговор против воздухот“ беше објавена на 24 октомври, а во писменото образложение во кое се користат низа на проблематични квалификации кои се граничат со цензура и закани за затворање на медиумот, реагираат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
Имено, Судијата Панева во образложението од пресудата го спори статусот на новинарите во ИРЛ и тврди дека ИРЛ не е медиум односно ИРЛ не е здружение за „новинарски известувања“.
„ИРЛ нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Закон за медиуми, a членовите на истото немаат својство на новинари, ниту можат, заради известување на јавноста да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се бават со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање“, стои во образложението.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека образложението на пресудата на граѓанскиот суд е скандалозно, неприфатливо и незамисливо за едно демократско општество.
„Нагласуваме дека државните институции, како и правосудните органи не смеат да навлегуваат во тоа кој е новинар или што е медиум, туку дека тоа е работа на новинарската фела за што постојат и правила за саморегулирање.
Ваквото опасно, паушално, ригидно и во негативна конотација креативно толкување пред сѐ на Законот за медиуми, како и на Законот за здруженија и фондации претставува опасност не само за оние кои се бават со новинарство, туку и на слободата на изразување која е загарантирана со македонскиот Устав, како и за сите слободни професии кои критичко го опсервираат општеството. На крајот, оштетени се граѓаните кои ќе бидат лишени од важни и критични информации во врска со работата на разни моќници чиишто дејствија се одразуваат на секојдневен живот на граѓаните“, реагираат од ССНМ.
РЕАКЦИИ
Стево Пендаровски: Слободата на медиумите е директно поврзана со степенот на демократијата во едно општество и со заштитата на јавниот интерес
Новинарството е слободна професија и како таква е потребно да подлежи на принципот на саморегулација од страна на медиумските тела и организации.
Јавноста има право да биде навремено и точно информирана за сите важни прашања во едно општество кои се однесуваат на јавниот интерес.
Граѓаните, исто така, имаат право да очекуваат судиите кога пресудуваат да ја почитуваат слободата на изразување, правото на граѓаните да бидат информирани за теми од јавен интерес и да му дадат приоритет на јавниот интерес наспроти поединечниот интерес особено кога се работи за прашања кои го засегаат големото мнозинство од општеството. Во таков случај, во јавен интерес е јавноста да биде запознаена со релевантни факти од значење за тие прашања.
Етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој. Како држава која се определила за членство во ЕУ и споделување на европските вредности за демократија, транспарентност и одговорност, потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи.
Марјан Забрчанец: Обидите за замолчување на граѓанското општество и на медиумите ќе завршат неславно
Скандалозни и опасни се дел од на(в)одите презентирани во судската одлука во случајот со тужбата против ИРЛ.
Судот сериозно згазил не само врз новинарските слободи и слободата на изразување туку и врз слободата на здружување. Здруженијата на граѓани (и медиумските организации) постојат заради остварување цели од јавен, а не од личен интерес. Граѓаните се здружуваат заради повисоки цели, заради општествен интерес.
Скандалозни се наодите на судот со кои се сугерира дека на ИРЛ наводно им требало дозвола за да емитуваат истражувачка содржина. Уште поскандалозна е забелешката дека ИРЛ биле здружение на граѓани, но не биле здружение за објавување информации во средствата за јавно информирање.
Ова е преседан со кој суд од македонското правосудство укажува дека за некое здружение да може да објави став или наоди од истражување во јавноста, всушност му била потребна дозвола или посебна регистрација.
Дали тоа значи дека неколкуте илјади граѓански здруженија и невладини организации од утре не треба да комуницираат со јавноста? Ова не е цензура, ова е судски диктат кој не може да помине.
Граѓанските и медиумските слободи ги освоивме во 2016 година и денес во ова наше општество тие слободи имаат голем број свои бранители и застапувачи. Обидите за замолчување на граѓанското општество и на медиумите ќе завршат неславно.
Бранко Тричкоски: Виктор Иванчиќ на времето (2012) пишуваше дека „истражувачкото новинарство“ е речиси без исклучок со криминално потекло.
Не сакам да кажам дека ИРЛ е во таа категорија, но, изборот на темите и на субјектите кои ги истражуваат, заедно со парадите и идејната блискост со криминализираните или проблематични новинарски структури, ме оставаат во сериозни сомнежи.
Во Европската и Светската новинарска организација тоа мора да го знаат. Тука името и статусот новинари се користи за најстрашни злосторства против општеството. Му ги испокинаа сите лигаменти. Ја уништија неговата супстанца. Толку се успешни што јас мислам дека вмро нема да има каде да се врати на власт.
Ненад Јовановиќ: Гласот на Сашка Цветковска не смее да замолкне
И да бидеме потполно јасни: гласот на Сашка Цветковска не смее да замолкне, оти ако замолкнат сите, или замолкнат голем број на важни гласови, само еден може да се офајди од тоа. Сите знаеме кој е тоа. И знаеме како работеше заробена и полициска држава во не така далечно минато, знаеме дека во заробена и полициска држава секој час е полициски. А слободата на говор, такво нешто не постои кога сакаш да си ја зачуваш главата на рамена.
Зоран Иванов: Судот и пресуди на правдата
Судијката што преку случајот ИРЛ го осуди новинарството всушност го осуди и судот, а судот ја поништи правдата и тоа е тој затворен македонски транзициски криминоген круг во кој царува моќтта на корупцијата чии зависници се и државата и општеството и која, кажано во оваа една реченица, ги иссели умните, ги запусти сегашноста и иднината и за која лек ниту се наѕира зашто просторот на правдата е окупиран од типки и типови кои, без интеграции, наместо на неправдата и натаму ќе продолжат комотно и без трунка скрупули да ѝ судат и да ѝ пресудуваат на правдата!
Д.М.












