Никогаш никого не сум осудил, ниту пак имам намера да го осудувам, оној, што од мака зел документи од друга држава, која пак е дел од европското семејство, само за да си ја спаси егзистенцијата, за себе и за своите најмили.
30 септември според моето скромно убедување требаше да биде празник за нашата татковина и истиот да го прославиме онака „за сите пари“ што би рекле некои. 30 септември требаше да биде денот во кој на овој народ, цела Европа вклучувајќи ги и САД, му подадоа рака за да излезе од живата кал во која се дави и преживува од ден за ден, цели 28 години.
На 30 септември 2018 година, ден недела, на консултативниот, повторувам, консултативниот референдум, што значи незадолжителен, 605 000 граѓани на Македонија се изјаснија со ЗА, меѓу нив и мојата маленкост и уште еден друг помал дел од околу 37 000 граѓани одлучија да заокружат ПРОТИВ на ливчето на кое имаше само две опции ЗА и ПРОТИВ.
Меѓу сите нас имаше и уште еден поголем број на граѓани кои одлучија да го бојкотираат консултативниот референдум, односно да не излезат на истиот со што како што и самите велат да го „кажат“ она што го мислат по однос на договорот кој беше направен во Преспа меѓу Македонија и Грција.
Бојкотираа, така и го именуваа движењето, #БојкотиРМ, што понатаму значи дека НЕ излегоа да го искористат своето граѓанско право и едноставно да се искажат како ПРОТИВ според, како што тие велат, за нив предавнички договор за нашата татковина. Ништо не кажаа ни ЗА ниту пак кажаа дека се ПРОТИВ.
Ок, додуша не е ок, но, еве да речеме дека јас и ја поздравувам нивната одлука, не, јас никако НЕ ја поздравувам таа инфантилна одлука, веднаш да сме на јасно, но, еве да претпоставиме дека ја поздравувам одлуката за бојкот на сите оние кои никако не се произнесоа по прашањето за тоа како сметаат да се изјаснат по најважното прашање во поновата историја на нашата земја. ЗА или ПРОТИВ. Другари, за прв пат некој во историјата на оваа земја се одважи и стави некаков лист хартија на маса на кој треба да одлучиме што да правиме понатаму со нашата Македонија и тоа го стави консултативно, чисто да се преброиме колку сме. И сериозен број од граѓаните, драги мои, не излегоа ништо да кажат, односно не излегоа барем да кажат дека се ПРОТИВ тој договор. Не, тие бојкотираа. Штета, навистина голема е штетата доколку сметате дека со бојкотирањето сте се произнесле обратно, односно сте биле ПРОТИВ од она што ни’ беше понудено на сите нас, Македонија да биде дел од Европското и Евроатланското семејство.
Лично сметам, а и убеден сум во тоа дека, доколку не помине ова во парламент ваква шанса оваа држава веќе никогаш нема да добие, ниту пак ќе и се овозможи уште еднаш толку блиску да биде до решавање на проблемот со ваков триумф. Многу поболен ќе биде следниот компромис, кога и да е тој. И во тој „компромис“ ќе нема компромис, бидејќи милијарда пати досега ни рекоа, без компромис – нема решение. Точка. По јасно и не може да биде. Но, овој пат се плашам дека на следниот компромис кој ќе се прави, каков и да е тој, а кој знае кога ќе биде, името Македонија воопшто нема ни да постои во преговорите (се надевам дека нема да е така) и што е уште пострашно сите кои на 30 септември го бојкотираа процесот и никако не се изјаснија по прашањето каква Македонија сакаме, тогаш, кога ќе дојде следниот референдум, сигурен сум дека со две раце ќе го потпишат дека се согласни она што ќе се понуди како име на оваа држава, кое кој знае какво ќе биде, но Македонија нема да е, сигурно.
Во целава оваа приказна, оние кои излегоа да бојкотираат, а со тоа мислат дека ни кажуваат на нас и на цел свет дека се ПРОТИВ договорот со Грција и се потпираат на она што ние сме признаени од околу 130 земји на светско ниво под името Република Македонија, се лажат.
Пластично да образложам.
Кога во разговорот меѓу нас и тој што не’ признал како Р.М. во билатерален однос се вклучува трето лице кое не сака ни да чуе ништо повеќе од ПЈРМ што всушност е и официјалното име на оваа држава заведено во Обединетите Нации (ОН) што понатаму значи дека разговорот од тука па натаму станува мултилатерален и тој што не’ признал како Р.М. во билатералните односи, многу повеќе во тој триалог ќе го почитува оној што не’ не признал нас како Р.М. одошто нас и, нам ќе ни се обраќа со ПЈРМ и тивко на уво без никој да слушне, кога ќе му се да де можност, ќе ни рече: „Извини друже, но, не можам пред него да те викам Р.М., ако си ти за него ПЈРМ, тогаш ќе морам и јас пред него така да те викам. Ти си супер, но, тој ми е поважен од тебе и тоа така мора да биде додека не си го решиш проблемот во однос на она за што си заглавен на патот кон Европа и заради што не можеш да одиш напред. Сам одлучи како ќе постапиш, јас тука не можам никако да ти помогнам. ДО ТЕБЕ Е! Јас е те викам Р.М. но, само меѓу нас, пред другите ти и за мене си ПЈРМ. Жал ми е.“
Е, сега да сме на јасно. На 30 септември фактички овој народ ја бојкотираше промената на привременото име дадено на нашата татковина од ОН како ПЈРМ (Поранешна Југословенска Република Македонија) само за да ги спречи европските и евро-атлантските аспирации и интеграции на оваа земја. Лично јас така го доживувам ова што се случи на 30 септември, денот кога требаше да славиме.
И пред да завршам со ова кратко четиво, другари, никој, ама баш никој и никогаш ниту не викал Фиромјани во овие 28 години, ниту пак некој некогаш ќе не вика северномакедноци, ние сме Македонци и сите знаат дека сме тоа, а што е најважно самите ние знаеме дека сме тоа, такви сме биле такви и ќе останеме засекогаш, цел свет знае зошто се прави оваа спогодба во овој компромис.
И за крај, доколку ова не помине во парламент, иако јас по убедување сум атеист, сепак, ќе го изговорам ова на глас: Господ да и е на помош на Македонија!