Предизборната кампања, која повторно почна предвреме, најмногу се води со видео спотови и со спонзорирани содржини на социјалните мрежи, покажува мониторингот на Цивил. Тимот на Цивил за мониторинг на финансирањето на предизборната кампања од 20 јуни до 28 јуни на полноќ регистрираше 220 политички настани за кои партиите потрошиле пари во или вон рамките на платеното политичко рекламирање.
Една десетина од настаните се случиле пред официјалниот почеток на кампањата на 24 јуни. Една третина од досега регистрираните собири на партиите се одржале пред официјално да почне предизборната кампања.
Речиси сите партии имале партиски промотивни активности пред да почне кампањата. Мониторингот регистрираше вкупно 20 такви настани, од кои девет биле јавни собири, а ги организирале и СДСМ, и ДУИ, и ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците. Пред официјалниот почеток на кампањата биле промовирани пет партиски видео-спотови.
На оваа тема, ЦИВИЛ веќе објави опширна анализа на 1 јули.
Што прави ЦИВИЛ во текот на овој изборен процес?
Долгорочен мониторинг во 15 категории, вклучително и заштита од коронавирусот. Посебен фокус се политичкото финансирање, лажните вести, дезинформациите и говорот на омразата, злоупотребата на јавните ресурси и корупцијата. Одлична соработка е воспоставена со ДКСК, како и со други релевантни институции, посебно со ДИК, а секако и со меѓународната мисија на ОДИХР.
ЦИВИЛ ќе го набљудува изборниот ден со нешто повеќе од 300 набљудувачи. Забележлив е големиот интерес да се биде дел од тимовите на ЦИВИЛ. За жал, не можеме да одговориме позитивно на сите апликации меѓу кои има и многу квалитетни, но ги повикуваме сите заинтересирани да останат во комуникација со организацијата и да пријавуваат нерегуларности во изборниот процес.
ЦИВИЛ издаде опширно соопштение на почетокот на кампањата под наслов: „ЦИВИЛ повикува на максимално почитување на правото на глас и мерките за заштита од корона вирусот“, објавено на 24 јуни. Во него се повикува и да се престане со злоупотреба на децата во политички цели, но некои политички партии го прават токму обратното.
Бараме од политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, да ги почитуваат протоколите и мерките за заштита од коронавирусот, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и манипулации.
Б. Ј.
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети