пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
„Заедниците доаѓаат во состојба, кога формите на организација не ги задоволуваат потребите на поголемиот дел единки. Резултатот од нужните реформи се двојни. Или поголемиот број ќе се задоволни или најголемиот дел од општеството се подеднакво незадоволни. Науката како згуснато искуство запишала дека во вториот случај резултатите се подобри, но зад нив мора да стои храбра авангарда“.
Ова стои како теоретско објаснување во делото на големиот материјалистички филозоф, роден во Штип, Тодор Павлов во неговото дело под наслов Теорија на одразот.
Првиот месец од оваа сѐ уште ковидна година го изминуваме. Како што се очекуваше, ќе мора да се прават реформи во повеќе области од државата. Од разните министерства се најавуваат и конкретни постапки и форми. Се донесе нова методологија за прочистување на правосудството, имаме предлог за реформи во образованието и најави за слични постапки во другите сектори од државниот апарат. Прашањето кое е најмногу употребувано во сите најави и дебати е – има ли политичка волја? Политичката волја не е израз на некакви демократски процедури, туку од потребите на политичките партии. Или поточно, од потребите на актуелните партиски раководства зад кои молчаливо застануваат членовите, според врежаното сфаќање на партиите, како социјално и идентитетско прибежиште на исплашени и резигнирани граѓани.
Дали си марксист или кејнзијанец, одговорот е ист – нема бесплатна вечера! Економската реформа мора да е на врвот од приоритетите. Неолибералистичките сфаќања за триесет години нè доведоа во полу-колонијална состојба кога ништо како држава не поседуваме, освен евтината работна сила. Со судни маки не можам да се сетам на повеќе од пет бренда, што се препознатливи, па макар и само во соседството. Мислењето дека денес сѐ е голбализирано и сѐ е дел од мултинационалните синџири е оправдување за немање економска развојна политика. Ако сѐ зависи од буџетот на државата и политичката волја – претприемаштво и развој ќе нема. Реална слика ни е проблемот со здравството. Не можеме да направиме вакцина, ама да немаме добри болнички кревети и чаршави е непростливо, белки тоа можеме да го произведеме. Технолошко индустриските развојни зони застанаа само на последниот збор – зони, каде со државна помош и евтина работна сила се прави приклучок со светските компании. Кооперација со домашните добавувачи, заедничките вложувања во нови технологии, засега има само во елаборатите на разните дирекции, агенции и други владини советодавни тела. Старите социјалистички директори полека го напуштаат и бизнисот и овој свет, а новите кадри со долги титули и теоретски познавања за сега не нудат реформски решенија. Подобро поле за нивната инвентивност од нашата сегашна реалност – здравје. Само, резултати нешто тенко… А според статистиката имаме повеќе од четири илјади универзитетски професори од сите насоки. Барем десет да беа со поголеми менаџерски знаења, ќе имаше надеж за нашата економија.
Економските реформи никогаш не можат да се изведат како проекти надвор од актуелниот општествен миг. Правосудните реформи се нужност затоа што „довербата во судството е на ниско ниво“. Ова го слушаме сигурно 20 години, ако не и повеќе. Зошто судството не може да се постави на ниво каде грешките ќе бидат ретки, а делењето на озаконетата правда – правило? Едно согледување е општата состојба на безидејност и стрмоглав пад на моралот. Судиите не живеат и не се образуваат во некое левијатанско општество, туку во опкружување кое е со сите слабости на провизорност. Оној термин транзиција е подобро да го замениме со поадекватен израз – провизорност. Во првиот дел на терминот го има магичниот израз – провизија. Второто објаснување е преголемото влијание на политичките партии, што власта ја користат како воен плен. Затоа и нивните портпароли употребуваат поими како политичка битка или војна. Ќе имаме и странска експертска помош во правосудните реформи веќе оваа пролет. Да видиме дали дваесетината правни факултети во државата, што кадри произвеле. Непотизмот е појава кај сите мали народи – татко судија, ќерка адвокат, чичко обвинител, а синот во министерство за правда. Како оваа појава ќе се надмине е вистински предизвик и за странските експерти и за домашните реформатори. Останува само да се надеваме дека одговорноста кон државата барем на момент ќе преовлада.
Реформите во образованието започнаа и засега се движат според согледувањето на Тодор Павлов. Ќе има голем дел на подеднакво незадоволни. Ако се исполни и вториот теоретски услов за храбро лидерство во предложениот модел на реформи – можни се можеби задоволителни резултати како почетна основа за реформи и во средното и посебно во високото образование. Долг ќе биде овој процес, чувствувам!
Реформа во државниот апарат. Можна ли е? Ова е прашање за милион долари. Секако дека е можна и е нужна, зошто вака нема да може долго да опстанеме. За ваков процес ќе треба нешто како – нов општествен договор, некаква национална платформа што ќе биде мал устав во државата. Отприлика како што беше замислен Законот за здружен труд во седумдесеттите години и кој не успеа, затоа што државата западна во други системски недоследности. Ова го споменувам само какао идеја за положбата на ваква законска основа во уставниот систем на РСМ. Досега сме сведоци на три такви предлог реформи во целиот јавен сектор што не одминаа подалеку од кадровско прераспределување на партиските војници од секаков калибар.
Зошто сметам дека реформата во администрацијата мора да се случи? Одговорот е едноставен. Ако не се направи таму реформа нема да има сили, ни финансиски ни политички да се направат реформите во другите сектори. Нашата државна администрација е како орев што предолго стои на дрвото. Одоздола изгледа цврсто ама кога падне и се скрши и во него останал само сув плод а за торта треба сочна јатка .
Изгледа дека, колку и да се ламентира над сите овие процеси, секогаш се доаѓа на почетокот. Се има ли политичка волја и храброст, реформите да се почнат и спроведуваат? Овде демократијата се покажува како ковид болеста. Ако нема вирус во партиите што ќе ги демократизираат се останато ќе стои и ќе чека политичка волја. За да ги зафати партиите таквата болест ќе мора да се направат конкретни предлози за нивна инфекција со демократија. Во наредната колумна ќе се обидам да преставам еден таков модел што се надевам ќе доведе до дебата од која ќе се изроди подеднакво незадоволство кај сегашните партиски естаблишменти. Светот е во постојана реформа а напредува само онаа заедница која меѓу реформите има постабилен период на потврда на вредностите кои реформата ги етаблира, како основа за новата реформа.
Основна опасност е што кај нас ни реформ торта не успева и постојано се враќаме на правење добош торта. А добошите служат за тропање.
Туку, реформ торта може некогаш и ќе успее…
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.