„Вие кои влегувате тука, откажете се од сите надежи“ – Данте Алигиери, Божествена Комедија
А што да правиме ние што живееме тука?
Исчезнуваат малолетни деца, неделно по едно, барем според објавите на социјалните мрежи. Секојдневно се бара парична помош за болни лица, за коишто нема спас во Македонија. А за лекување надвор од земјата потребни се прилично големи парични средства, коишто ги немаме. Непотребно е да се објаснува зошто ги немаме. Секојдневни сообраќајни несреќи, тепачки, сексуално насилство врз малолетници, проституција на малолетници, семејства со мали дечиња без покрив над главите, населби со луѓе коишто „живеат“ без основни животни услови во 21 век – вода. Има уште, три дена да пишуваш, ама многу писатели, а малку, или ич дејство или одговори.
Последно од црнилата на нашето секојдневие е девојчето што почина во водите на Вардар во Гостивар, бегајќи од улични кучиња. Еден млад живот згасна, девојчето веќе не постои, освен во увидот и извештајот на МВР, уште едно име испишано на уште една издадена умреница во низата од млади непроживеани животи во мизеријава од држава. А ние ќе пишуваме, ќе бараме виновници, ќе браниме, ќе зовријат социјалните мрежи, ќе повикуваме на одговорност, ќе продаваме искуства, ќе се напише по некој проект ( бидејќи е актуелно па може да пројде кај странците), ќе ги поврземе сите можни и неможни точки и паралели со задкулисни игри на некоја политичка партија, ќе морализираме до запенување и точка на нетолеранција кон сè што е спротивно на наше ( мое/твое) мислење и став, ќе не слушне господ со мало г, бидејќи Господ со големо Г е резервиран само за верниците што се верници само затоа што се плашат од делата на тој Господ, но не и од последиците на своите дела, и ќе одиме во рајот. Се до следната трагедија, најверојатно веќе за неколку дена. Профитерство од секаков аспект, егоцентрични изјави, колумни, пресови, настапи, соопштенија – на ова сме сведени, самоиницијативно.
Веќе неколку недели ми стои отворен еден документ со почната (5 реченици) колумна. Секој ден ми снемува по еден збор, и се надоместува со понекоја нова уникатна мисла, за да ја снема и таа, во вителот од нови сознанија и случувања, како и од некои не баш толку нови, добро установени прикази од нашето секојдневие – општествени, социјални, политички. И денес немам зборови, освен дека сè што прочитав, слушнав и видов до пред половина час, би можело да се стави на „лист хартија“ собрано во десетина реченици и заклучок дека се давиме во мизерна трка по читаност, гледаност и рејтинзи на сите таканаречени медиуми, вклучувајќи го и највлијателниот – социјалните мрежи.
Народ што е заситен од мизерија, се крева против истата. На нозе, по улици, не влегува во своите домови, туку влегува во домовите на творците на сопствената добробит, и туѓата мизерија. Народ што е незаситен од сеирџиство и туѓа беда, ќе продолжи да живее во Република Мизерија!