Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ повикуваат на партиско единство со цел да се врати победничкиот дух на партијата на локалните избори, закажани за 15 октомври. Но, во исто време, се категорични во своите заложби за демократизација и модернизација на партијата. Децидни во ставот дека нема да работат на штета на партијата, велат дека сите нивни поддржувачи во духот на демократизација на партиските редови, имаат право да одлучат дали ќе го дадат својот глас за понудените советнички листи и персонални решенија за кандидати за градоначалници, што ќе бидат по мерка на актуелното раководство на чело со Никола Груевски.
„Да застанеме сите заедно, зад принципите на Декларацијата ‘Демократска ВМРО-ДПМНЕ за демократска Македонија’, прифаќајќи ги и промовирајќи во јавноста. Сега е моментот да се обединиме и да ѝ помогнеме на нашата партија, за да го вратиме победничкиот дух, да го вратиме правото на членовите непосредно да ги донесуваат одлуките за функционирањето и делувањето на партијата и на следните избори да однесеме убедлива победа над нашите политички противници“, порача Илија Илијовски, еден од истакнатите активисти за демократски реформи во ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.
Реформаторите апелираат до сите членови на партијата, особено оние пасивните, со години незадоволни од работата на партиското раководство и на лидерот Груевски, но и до ветераните на ВМРО-ДПМНЕ од 1990 година, да го дадат својот придонес на локалните избори.
„Сите обединети околу идејата за реформирана и демократска ВМРО-ДПМНЕ, можеме да сметаме на вистинската улога на секој член во функционирањето на нашата партија“, рече Илијовски.
Текст и камера: М. Талеска