Русија издаде меѓународна потерница за еден од најблиските соработници на неодамна затворениот опозициски лидер Алексеј Навални, соопшти во средата судот во Москва.
Леонид Волков, близок соработник на Навални, ги повикува луѓето низ цела Русија да се приклучат на протестот на Денот на вљубените овој викенд, каде што ќе ги вклучат блицевите на своите мобилни телефони и ќе запалат свеќи во облик на срце за да ги преплават социјалните мрежи со слики од настанот.
Судот во Москва денеска соопшти дека руските судски истражители побараа „превентивен“ притвор на Волков, откако тој бил обвинет дека на протестот наводно повикува и малолетни лица да излезат на улиците. Судот известува дека распишаната потерница ја опфаќа и Заедницата на независни држави (ЗНД), група на поранешни советски републики, кои се под влијание на Русија. Волков ќе биде задржан во руски притвор околу два месеци доколку и кога тој биде екстрадиран или приведен.
Тас, новинска агенција која е тесно поврзана со руската држава, тврди дека откриле видео записи на кои Волков повикува на присутност на малолетни лица на нелегални собири. Волков на Телеграм, платформа за непосредни пораки, напиша дека воопшто нема да обрнува внимание на потерницата која е распишана по него и дека ќе се фокусира да си ја заврши својата работа.
Разликата меѓу протестот на кој се повикува на Денот на вљубените и претходните е во тоа што тој се предвидува да трае само 15 минути. Во повикот се инсистира на мирен протест, за да се избегне повторувањето на насилството на неодамнешните протести каде имаше илјадници уапсени и многу извештаи за полициска бруталност.
Алексеј Навални, 44, антикорупциски истражувач и најистакнат критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше уапсен во јануари откако се врати во Русија за прв пат откако беше отруен минатиот август во Сибир со нервен агенс.
Тој беше затворен на 2 февруари откако судот пресуди дека ги прекршил условите за условна казна за проневера, за која тој вели дека е измислен. Ситуацијата во Русија останува неизвесна и тензична.
Ирена Крџиќ