АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
Напорите да се постигне деескалација на тензиите на руско-украинската граница, по Женева и Брисел, се преселија во Виена на состанокот на постојниот совет на ОБСЕ. За жал, не се постигна успех, а заменик рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, порача дека американското отфрлање на клучните барања на Москва ги води разговорите во слепа улица и дека не гледа причина во блиска иднина да се организира нова рунда на преговорите за руските безбедносни гаранции. Но и дека е спремен за разговори во различни формати.
Единствениот учинок кој Русија „го постигна“ после тродневните разговори за деескалација на украинската криза е падот на вредноста на рубља за 2 одсто, пишува Блумберг.
Постои голем ризик од војна во Европа
Полскиот министер за надворешни работи Рау Збигњев, чија земја го започнува едногодишното претседавање со ОБСЕ, изјави дека ризикот од војна на подрачјето на ОБСЕ е сега поголем од било кога во последните 30 години.
„Веќе неколку недели сме соочени со сериозни изгледи да дојде до голема воена ескалација во источна Европа. Рускиот претседател, Владимир Путин, поставува низа барања за безбедносни гаранции вклучувајќи ограничување на силите на НАТО во источна Европа и гаранција дека Украина и Грузија нема да станат членки на НАТО. Услови кои за Алијанса и ОБСЕ се неприфатливи.“
Москва не ја разбира пораката
Се очекуваше дека руските претставници во Виена подобро ќе ја разберат загриженоста на членките на ОБСЕ за безбедност и мир во Европа. Бидејќи, сепак, ОБСЕ не е само платформа за соработка на 57-те држави членки, туку и за заедничка приврзаност и одлука на државите членки да градат мир во Европа и иднина без конфликти и војни.
„Сакаме да посветиме поголемо внимание на безбедноста на просторот на ОБСЕ и даваме можност на секоја страна да ги изнесе своите ставови,“ изјави Рау, нагласувајќи дека е неопходно сите страни да се фокусираат на мирно разрешување на конфликтот со почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во рамките на меѓународно признати граници.
Полска, како претседавач на ОБСЕ ќе се фокусира на зачувување на мир во регионот од Ванкувер до Владивосток.
Генерална оценка и по третата рунда на разговори е дека воената реторика на Русија и натрупување на повеќе од 100.000 војници во близина на украинската граница, претставува притисок на САД и европските сојузници да ги прифатат условите и желбите на Кремљ.
Постои ли уште руска сфера?
Претставниците на Русија во текот на сите три дена колку што траеја разговорите, сакаа да наметнат атмосфера дека нејзиното воено присуство на граница со Украина е одговор на засилено присуство на НАТО во руската сфера на интереси и ги демантираа тврдењата дека Русија планира да изврши инвазија врз Украина.
Американскиот претставник во ОБСЕ во Виена нагласи дека Запад не треба да попушти пред уцените на Москва.
„Додека се подготвуваме за отворен дијалог како да ја засилиме безбедноста за добробитта на сите, мораме одлучно да ги отфрлиме уцените,“ изјави американскиот амбасадор Мајкл Карпентер на состанокот во ОБСЕ.
Состанокот во Виена е завршен со цврстиот став на Москва дека треба да ги добие бараните гаранции од Запад дека Алијансата нема да се шири кон нејзините граници. Рускиот претставник Александар Лукашевич на состанокот во ОБСЕ изјави дека неговата држава ќе преземе сериозна акција доколку нејзината загриженост од доближување на Алијансата до руските граници не биде разбрана сериозно.
„Ако во разумен рок не добиеме конструктивен одговор на бараните гаранции кои ги предложивме и доколку Запад продолжи со агресивна политика кон Русија ќе бидеме принудени да ги преземеме сите неопходни мерки за да воспоставиме стратешката рамнотежа, и да ги елиминираме неприфатливите закани по нашата национална безбедност. Русија сака мир, но не мир по секоја цена, мораме да ги добиеме формално правните безбедносни гаранции кои ги бараме,“ изјави Лукашевич.
Така, првиот обид, низ три формати на разговори, во Женева, Брисел и Виена, да се намалат ризиците од руска инвазија на Украина, а со тоа и тензиите меѓу НАТО и Русија, заврши со неуспех. Русија јасно даде до знаење дека е спремна да ја напушти дипломатијата. Неизвесноста на руско-украинската граница останува.