Утрово, рускиот агресор изврши ново воено злосторство со страотен ракетен напад врз цивилни цели во украинскиот североисточен град Суми, додека луѓето се собираа на неделните црковни служби, при што загинаа најмалку 21 лице, а најмалку 88 се ранети, според првичните извештаи.
Две балистички ракети го погодија центарот на градот во време кога многу луѓе беа на улица. Фотографии и видео од местото на настанот покажуваат тела како лежат на улица, додека спасувачките екипи се борат за секој живот.
„Утрово, токму на Цветна недела, кога верниците одат во црква за да го прослават Христовиот влез во Ерусалим, Русија изврши страшен напад врз станбена населба во градот Суми. Многу цивили беа убиени и ранети. Таков напад на голем христијански празник претставува апсолутно зло“, изјави министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибигa, пренесе ЦИВИЛ МЕДИА.
Понатаму, министерот извести дека веќе се испраќаат детални информации за ова воено злосторство до сите партнери и меѓународни институции и ги повикува сите главни градови и седишта на институции да реагираат решително.
„Втор месец по ред Русија одбива да ја прифати понудата на САД за целосно примирје, која Украина безусловно ја прифати на 11 март. Наместо тоа, Русија го засилува теророт“, изјави министерот Сибига.
Тој ги повика партнерите да ѝ обезбедат на Украина дополнителни средства за противвоздушна одбрана и да го засилат притисокот врз Москва.
„Ги повикуваме партнерите да ѝ обезбедат на Украина дополнителни средства за противвоздушна одбрана и да го засилат притисокот врз Москва. Силата е единствениот јазик што тие го разбираат и единствениот начин да се стави крај на овој страшен терор“, заклучува министерот Сибига во својата изјава за јавноста.
Украинската амбасадорка, Лариса Дир, на социјалните мрежи објави дека со овој терор, рускиот агресор само ја пролонгира војната.
„Ден 1145. Цветоносна недела — руски балистички напад врз Суми — нападнати се станбени згради, универзитетот. Десетици загинати. Токму со ваков терор русија ја пролонгира војната. Зборовите сѐ уште не ја сопреле смртоносната балистика“, објави амбасадорката Дир.
Ден 1145. Цветоносна недела — руски балистички напад врз Суми — нападнати се станбени згради, универзитетот. Десетици загинати.
Токму со ваков терор русија ја пролонгира војната. Зборовите сѐ уште не ја сопреле смртоносната балистика. pic.twitter.com/lpjZyKMvAo— Larysa Dir (@dir_larysa) April 13, 2025
Рускиот агресор го засили ракетниот терор со директни напади врз цивилни цели низ цела Украина. Ова засилување на ракетниот терор се совпаѓа со т.н. „мировни“ напори на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Вчера, специјалниот преговарач на Трамп, Стив Виткоф се сретна со рускиот претседател. Ден потоа, на Цветници, рускиот ракетен терор предизвика масакр.
Џ. Дерала