Шефот на југоисточниот украински регион Запорожје, Евгениј Балицки, кого го постави Москва, официјално нареди локален референдум за можноста за придружување на таа покраина кон Руската Федерација.
Овој потег доаѓа неколку часа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека ако референдумите за придружување кон Русија се продолжат во подрачјата на Украина кои се под руска контрола, не може да има мировни преговори за окончување на војната која Русија ја започна пред скоро шест месеци.
„Ставот на нашата земја останува како што беше секогаш. Нема да се откажеме од ништо што е наше“, рече Зеленски во вчерашното обраќање.
„Ако окупаторите продолжат со псевдореферендумите, ќе ја затвора за себе секоја прилика за разговори со Украина и со слободниот свет, што на руската страна очигледно ќе ѝ биде потребно во еден момент“, рече тој.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денеска рече дека изјавата на Зеленски била погрешно усмерена ако им се обраќал на руските граѓани или раководство, сугерирајќи дека референдумите се волја на жителите на териториите под руска окупација во Украина.
Функционерите кои ги именуваше Русија во Запорожје и во регионот Херсон најавија дека планираат да одржат референдуми за приклучување кон Русија. Според нив, такви референдуми може да се одржат веќе наредниот месец. /РСЕ